23.02.2024
Живот
Енергетска транзиција или енергетски хаос? (I дел)
Минатите денови и месеци во јавноста често се зборуваше за (не)успесите во енергетскиот сектор во Република Македонија (РМ). Но факт е дека РМ нема доволно производство на електрична енергија и годишно увезува за износ од околу 200 милиони евра. Пред две години кога имаше енергетска криза, направи увоз од околу 400 милиони евра. Тука не се опфатени големите потрошувачи кои купуваат електрична енергија на отворен пазар со повисоки цени, па затоа дел од нив почнаа да градат фотоволтаични централи. Факт е дека постои бран на инвестиции во фотоволтаици, но таа електрична енергија е моментална, кога има сонце. Земјата мора да има и базно производство од хидроцентрали и термоцентрали. Од друга страна, термоцентралите во РЕК Битола се премногу стари, со чести застои во производството, а и резервите на јаглен се при крај.
Во оваа комплексна ситуација наречена енергетска транзиција, наместо соодветни и навремени решенија, се создава енергетски хаос. Причините не се од денес или од вчера, туку се провлекуваат неколку децении, но се чини дека денес е достигнат врвот на хаосот. Причините за оваа констатација се наведени подолу:
- До пред еден месец имаше бурни полемики и јавни дебати за инвестицискиот проект за ХЕЦ Чебрен. Владата на РМ донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за производство на електрична енергија на една грчка фирма, но во последен момент договорот беше откажан. Ситуацијата со ХЕЦ Чебрен е неизвесна, потребен е нов почеток на активности, почеток од нула.
- Во 2020 година Владата формира Комисијата за стратешки инвестициски проекти во која членуваат претседателот на Владата на Републиката, негов заменик, министри од неколку ресори (економија, финансии, транспорт и врски, земјоделство и др.). Овие денови Владата достави до Собранието на РМ предлог-закони и договори за четири стратешки инвестиции во енергетиката кои се донесени со владина одлука. Меѓу нив е и проектот за гасна когенеративна централа „Митилинеос“, за усвојување по скратена постапка. За овој проект во јавноста има спротивставени мислења.
- РЕК Битола, тендери за ископ на јаглен, увоз на јаглен, мазут. Се зборува за наместени тендери со вредност од десетици милиони евра.
- Голем корупциски скандал во МЕПСО, тврди Орхан Муртезани, поранешен генерален директор. Се работи за нерегуларности при изградба на трафостаницата во Охрид, а сумата е неколку милиони евра.
- Застој во изградбата на гасоводната мрежа на територијата во целата земја. Иако изградбата беше во напредна фаза, во последниве неколку години како да застана.
- Сѐ уште нема дистрибутивни (градски) мрежи за гас. Иако цевководот за природен гас е изграден и стигнат до Скопје уште во 1998 година, истиот се користи претежно во индустриските објекти (околу 15%) и во Те-То (околу 20 до 25%). Значи, над 50% од расположливиот капацитет за природен гас сѐ уште не се користат. А замислете колку ќе се намали загадувањето на воздухот во Скопје (и во други градови) ако има дистрибутивна мрежа за користење на гасот во домаќинствата итн.
Деновиве е многу актуелна темата околу четирите стратешки инвестициски проекти во енергетиката кои Владата ги достави во Собранието за усвојување по кратка постапка. Во јавноста се води голема полемика околу проектот за гасната когенеративна централа „Митилинеос“. За овој проект има спротивставени мислења. Од една страна е Владата, а од друга страна се многубројни енергетски експерти и неформалното Здружение на инженери на РМ. Нема да навлегувам во дискусиите на обете страни бидејќи нивните аргументи беа презентирани на некои ТВ-канали и веб-портали.
Сите експерти што дискутираа во јавноста бараат предложениот проект за когенеративна гасна централа да го гради државата. Еве еден предлог од моја страна. Нека се формира акционерско друштво во сопственост на државата кое ќе стопанисува со гасната централа. Средства за изградба може да се најдат од неколку извори од внатре и надвор од државата. Да го наведам фактот дека денес во РМ во банките има релативно големи депозити, и тоа населението има заштеди од 5,6 милијарди евра, а фирмите 2,6 милијарди евра. Еден дел од овие пари се дадени како кредити, но има добар дел што може да се вложи на некој начин за инвестиции во овој проект. А оние 50 милиони евра што треба нашата држава да му ги подари како неповратна помош на „Митилинеос“ нека влезат во оваа инвестиција. Јас не сум економист, но многу работи во овој предложен проект од Владата ми изгледаат нелогични.
Непосредно пред да го испратам овој напис некои медиуми објавија дека поднесените предлог-закони и договори за четирите стратешки инвестиции во енергетиката се повлечени од Собранието.
Во врска со енергетската состојба во РМ ќе подготвам уште еден напис како продолжение кое ќе биде објавено во текот на следните денови.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор,
Машински факултет - Скопје