X
 23.05.2024 Колумни

Колумна: Социјалното претприемништво како алатка за справување со невработеноста

Релативно нискиот капацитет на системот за социјална заштита во Македонија ги ограничува можностите на ранливите категории за подобро позиционирање на пазарот на трудот. Од друга страна, ранливоста на пазарот на трудот е во директна корелација со можностите за вклучување во образовниот процес и вложување во човечки капитал со цел стекнување соодветни вештини и компетенции. Иако разновидните неформални облици на вработување овозможуваат ублажување на последиците од сиромаштијата, сепак, тие не обезбедуваат социјална сигурност, стабилни приходи и пристојни работни услови. Затоа, неопходно е справување со предизвиците што произлегуваат од неадекватното функционирање на образовниот систем и системот за социјална заштита, како и нивното потфрлување да испорачаат оптимални и општествено оправдани резултати.

Процесот на транзиција во Македонија, меѓу другото, создаде големи претпоставки за раслојување на општеството што, исто така, се одрази и врз пазарот на трудот. Македонскиот пазар на труд во изминатите три децении се одликува со релативно висока и перзистентна стапка на невработеност, висок процент на долгорочна невработеност и изразена сегментација. Невработеноста, од своја страна, претставува причина за ерозија на човековиот капитал и создава тешкотии во приспособувањето на новонастанатите состојби во македонското општество. Сепак, истражувањата укажуваат на тоа дека не сите учесници на пазарот на труд се еднакво погодени од невработеноста. Во тој контекст, како особено ранливи се идентификувани одделни демографски групи како што се: долгорочно невработените, младите, жените од рурални подрачја, припадниците на ромската заедница и сл.

Стапката на невработеност кај маргинализираните сегменти на македонскиот пазар на труд е значително повисока од просечната стапка на невработеност. Така на пример, стапката на невработеност кај младите (од 15 до 24 години старост) во 2022 година изнесувала 32,5%, додека стапката на невработеност кај лицата без образование изнесувала 30,8%, што е значително повисока од просечната стапка на невработеност од 14,4%. Од друга страна, припадниците на овие категории се најмногу склони кон неформални работни ангажмани, каде што сигурноста е многу мала, а освен тоа, просечните плати се значително под општиот просек. Маргинализираните сегменти во работната сила најмногу ги чувствуваат флуктуациите во бизнис-циклусите, што беше потврдено од ефектите на неодамнешните кризни периоди (пандемија на ковид-19, енергетска криза, политичка нестабилност и сл.).

Македонскиот пазар на труд се карактеризира и со големо учество на работната сила во неформалниот сектор, што од своја страна укажува на изразената дуална поделеност на примарен и секундарен сегмент. Според некои процени, дури и до 30% од работната сила во Република Северна Македонија учествува во неформалниот сектор. Во услови на недоволно креирање работни места во формалниот сегмент, неформалниот сектор игра улога на механизам на приспособување на пазарот на трудот, што воедно ги амортизира негативните социјални ефекти од невработеноста. Но, неформалниот сектор истовремено се карактеризира со ниска продуктивност и голема несигурност, што прави овој сектор да биде значително неатрактивен. Според тоа, невработеноста и сивата економија одат рака под рака, бидејќи голем дел од лицата што се декларираат како невработени се занимаваат со неформални активности кои им носат дополнителни приходи за обезбедување основна егзистенција.

Појавата на ранливи категории на пазарот на труд претставува значаен проблем што е директно поврзан со нивото на сиромаштија и социјална исклученост. Зголемениот удел на ваквите категории на население доведува до пораст на буџетските издвојувања за социјални трансфери и претставува закана за општеството преку појава на разновидна социјална патологија, како што се: алкохолизам, злоупотреба на дрога, криминал и сл. Освен тоа, овие граѓани во помала мера се вклучени во општествените текови, со што нивните потреби дополнително се занемаруваат.

Релативно нискиот капацитет на системот за социјална заштита во Македонија ги ограничува можностите на ранливите категории за подобро позиционирање на пазарот на трудот. Од друга страна, ранливоста на пазарот на трудот е во директна корелација со можностите за вклучување во образовниот процес и вложување во човечки капитал со цел стекнување соодветни вештини и компетенции. Иако разновидните неформални облици на вработување овозможуваат ублажување на последиците од сиромаштијата, сепак, тие не обезбедуваат социјална сигурност, стабилни приходи и пристојни работни услови. Затоа, неопходно е справување со предизвиците што произлегуваат од неадекватното функционирање на образовниот систем и системот за социјална заштита, како и нивното потфрлување да испорачаат оптимални и општествено оправдани резултати.

Еден од начините за вклучување на ранливите категории граѓани на пазарот на трудот е преку нивно ангажирање во социјално претприемништво. Но, што претставува социјалното претприемништво и кои би биле придобивките од него во поглед на намалување на невработеноста? Во Македонија сѐ уште не е донесен Закон за социјално претприемништво иако неговата нацрт-верзија датира уште од 2015 година. Во тој контекст, социјално претприемништво е дефинирано како „организирана дејност со цел креирање можности, облици, организации и мерки кои резултираат во одржливи општествени вредности и корисности, вработување на лица во производство и продажба на производи или услуги каде што добивката не е единствена или главна цел на активност, односно добивката се користи за вработување на одделни социјално исклучени или ранливи општествени групи и за решавање потреби и проблеми во заедницата“.

За жал, социјалното претприемништво во Македонија сѐ уште е на релативно ниско ниво на развиеност со нерегулирани форми на социјални претпријатија. Преку развивање на социјалното претприемништво би се впрегнал неискористениот потенцијал за креирање социјални претпријатија кои се сметаат за генератори на работни места, пред сѐ, за ранливите категории граѓани. Така, според нацрт-законот, за „корисници“ се сметаат лица кои се работно способни и на кои им е потребна помош и поддршка за самостојно и продуктивно вработување за нив и за нивните заедници; лица кои остваруваат права или услуги според прописите од системот на социјална заштита; невработени лица според прописите од областа на вработувањето; лица на кои им е потребна помош и поддршка за совладување на материјални и животни проблеми за решавање социјални, економски и други потреби; лица во состојба на ризик и социјално исклучени на кои им е потребна помош и поддршка за нивна социјална инклузија. Промоцијата и развојот на социјалното претприемништво би можеле да помогнат за поголема инклузија на овие граѓани и подобрување на нивниот животен стандард.

Прелииминарните истражувања и анализи на пазарот на трудот укажуваат на тоа дека ранливите категории граѓани поседуваат значителен потенцијал кој може да биде ставен во функција на продуктивно работење. Освен тоа, голем број бизниси што функционираат на неформален начин би можеле да се формализираат и дополнително да се зајакнат со примена на иновативни бизнис-практики во различни дејности. Притоа, потребно е подигнување на граѓанската свест за улогата и значењето на социјалното претприемништво, како и еманципирање на ранливите категории граѓани преку искористување на нивните таленти и вештини за отпочнување бизнис. За да се постигне тоа, неопходни се дополнителна едукација/обуки и менторирање при креирање социјални претпријатија со цел истите да бидат одржливи и да обезбедат пристојно вработување. На овој начин би се таргетирале пазарни сегменти во различни дејности кои се недоволно/несоодветно покриени од страна на постојните претпријатија.

Во септември 2021 година донесена е Националната стратегија за развој на социјалното претприемништво во Македонија за периодот 2021-2027, во која се определуваат главните димензии на екосистемот за развој на социјални претпријатија. Стратегијата е обликувана околу следниве стратешки приоритети: Утврдување правна рамка за социјално претприемништво; Развивање култура за социјално претприемништво и препознавање на социјалните претпријатија; Овозможување заемна поддршка, учење и градење капацитети за социјални претпријатија и клучни засегнати страни во екосистемот; Обезбедување пристап и развој на пазари за социјални претпријатија; Олеснување на пристап до екстерни финансии. Генерално, социјалното претприемништво во Македонија се наоѓа во почетна фаза на развој, недостига теоретска таксономија, како и податоци за негова подетална анализа. Според тоа, дефинирањето соодветна законска рамка и национални политики значително би ја подобрило климата за развој на социјалното претприемништво.

Во Македонија постојат повеќе целни групи кои потенцијално би можеле да бидат ангажирани во социјално претприемништво. Прво, тоа се долгорочно невработените кај кои со текот на времето настанува ерозија на човечкиот капитал, така што тие стануваат невработливи на пазарот на труд. Често пати оваа категорија невработени се стигматизирани и на нив се гледа како на неатрактивни работници од стана на работодавците. Втора категорија се млади кои не се вработени, ниту се во образование или обуки и располагаат со голем потенцијал кој треба да биде продуктивно употребен. Сепак, овие млади лесно можат да влезат во т.н. „маѓепсан“ круг меѓу невработеност и различни облици на неформално вработување кои не нудат перспектива за кариерен развој. Трета категорија се жените од рурални подрачја кои се соочуваат со ограничени можности, што им го отежнува пристапот до пазарот на трудот, како и натамошниот кариерен развој. Од друга страна, оваа ранлива категорија располага со разновидни знаења, вештини, како и мотивација за остварување поголем личен и општествен придонес кои можат да бидат ставени во функција на локалниот и регионалниот економски развој. Во овој контекст можностите за отпочнување бизнис се неограничени во повеќе дејности, како што се: производство на органска храна, изработка и продажба на ракотворби, алтернативни облици на туризам итн. Четврта категорија се припадниците на ромската етничка заедница кои се соочуваат со низа ограничувања во личниот и професионалниот развој, за што придонес имаат голем број фактори. Најчесто тие живеат гетоизирано во рамките на поголемите населени места, во супстандардни услови и со нарушен пристап до разновидни јавни добра и услуги. Инвестирањето во човечки капитал кај Ромите е на релативно ниско ниво, а не ретко се стигматизирани на пазарот на трудот.

Наместо заклучок, потребно е да се нагласи дека социјалната инклузија е повеќедимензионална категорија која опфаќа вклучување, пред сѐ, на ранливите категории граѓани во тековите на општественото живеење. Еден од начините на социјална инклузија е преку интеграција на овие категории граѓани на пазарот на труд, со што би се обезбедило пристојно вработување и остварување стабилни приходи. Подигнувањето на животниот стандард индиректно ќе придонесе кон поголема свест за општествена припадност, а овие граѓани би се соочувале со помал ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Само граѓани чиј труд е ценет на пазарот можат да бидат активни чинители во општеството, да учествуваат во унапредување на заедницата и да придонесуваат за нејзиниот економски и социјален развој.

Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни