X
 01.10.2019 Живот

Џереми Кларксон за Грета: „Ти си разгалено детиште, твоите гримаси и хистерично плачење нема да ја спасат планетата“

Познатиот поранешен водител на автомобилската емисија „Топ Гиар“ и сегашен водител на емисијата „Гранд тур“, Џереми Кларксон, како и сите деновиве, реши во својата колумна за британски „Сан“ да го искоментира говорот на тинејџерката Грета Тунберг на Самитот за климата во ОН.

Кларксон, како долгогодишен автомобилистички новинар, има милиони обожаватели низ светот кои едвај го дочекаа неговото мислење за нејзиниот говор, во кој таа ги обвини сите што беа на Самитот на ОН за климатските промени дека ѝ го упропастиле детството.

Кларксон ја нарече разгалено детиште и ѝ сугерираше уште еднаш да размисли за сè што направиле возрасните за неа. Кларксон во колумната ја прозва шведската тинејџерка за пловењето до Америка на јахта вредна 15 милиони фунти, која е изградена од јаглеродни влакна и која има помошни дизел-мотори.

- Не си ја ни изработила ни заработила, а дека таа јахта има помошни дизел-мотори никогаш никаде не спомена. Запри на момент и кажи како мирно спиеш навечер знаејќи дека возрасните градат, сервисираат и летаат во шведски борбени авиони. Да те чуваат тебе. Ти дадовме мобилни телефони и лаптопи и интернет. Создадовме социјални мрежи кои секојдневно ги користиш и водиме банки кои сето тоа го плаќаат. Па, како се осмелуваш да стоиш таму и да ни држиш лекции, ти разгалено детиште - напиша познатиот водител.

Тој призна дека иако планетата се загрева и треба да се направи нешто пред сите да се соочиме со незамислива бегалска криза, 16-годишната Грета можеби треба да се врати на училиште што е можно побрзо и напорно да работи на нејзиното научно образование.

- Затоа што науката е таа што на крај ќе го реши проблемот. Не мрштењето и хистеричното плачење на секои пет минути. Илјадниците луѓе што ти имаше смелост да ги обвиниш оваа недела го прават токму она што ти го сакаш. Биди добро девојче, замолчи и остави ги да продолжат - заклучи Кларксон.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот