Родителите сакаат децата да бидат
независни и самостојни, но цело време им го наметнуваат својот стил на живот, препишувајќи им сопствен рецепт за успех – тврдат семејниот терапевт Кети Каприно и доктор Тим Елмор.
Врз база на нивната работа со деца и истражувањата што ги имаат спроведено, тие заклучуваат дека возрасните честопати несвесно го саботираат успехот на своите деца. Тие составиле листа од неколку штетни однесувања на родителите кои од децата можат да направат несамостојни возрасни личности.
1. Ги чуваат од ризик
Родителите природно се загрижени за безбедноста на своите деца, но во тој страв честопати и претеруваат, па за да ги заштитат, ги ставаат „под стаклено ѕвоно“, не дозволувајќи им ниту момент да останат без нивниот надзор. А експертите тврдат дека децата кои немаат таква слобода не знаат што значи изгребано колено или повредена рака, па главно развиваат фобии од тоа како возрасни луѓе.
2. Претерано ги величаат своите деца
Родителите главно се необјективни, што не зачудува, но честопати не знаат да се контролираат, па постојано ги фалат своите деца дека се најубави и најспособни, ги подигаат на пиедестал, и кога треба и кога не треба. Децата се навикнуваат на тоа, па подоцна не умеат да прифатат критика и неуспех.
3. Дозволуваат чувството на вина да им смета во родителството
Возрасните имаат обичај на децата да им го даваат она што навистина го посакуваат кога сакаат да ги наградат, особено кога имаат повеќе деца. Кога едно дете е добро во некоја работа, родителите чувствуваат дека е неправедно да го наградат само тоа дете, а не и другите. Експертите велат дека така се пропушта можност да им се покаже на децата дека успехот зависи само од сопствената активност и нивните добри дела.
4. Не им зборуваат за сопствените грешки
Родителите настапуваат така што нивните тинејџери сметаат дека тие биле безгрешни кога биле на нивна возраст, се затвораат пред нив, па дури и чувствуваат срам. Експертите велат дека тоа е голема грешка затоа што децата треба да знаат дека нивните родители не се однесувале секогаш според правилата. Така и самите ќе прифатат дека треба да учат од сопствените грешки, а не само да ги критикуваат.