Секој по сантиметри вина и ете ги километрите безизлез. Вината си живее со сите нас и само едно нешто може да нè спаси: одговорната свесност дека од сите нас зависи.
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
По безмалку две години од владеењето на чудовишниот ковид и по толку многу жртви, тага и немоќ да се справиме со него, можеби е веќе и депласирано да се објаснува, да се апелира и да се посочува колку силен и подмолен непријател е во прашање. После сè, можеби секој со свест која го надминува личниот комодитет и подразбира поширок хоризонт, чувство за колективно добро, емпатија и човечка желба да се излезе веќе од овој мачен лавиринт, треба и да крене раце и да прифати дека како луѓе, дефинитивно потфрлуваме и не сме во состојба да разграничиме кога нашите лични права завршуваат, а кога почнуваат обврските што ги имаме. Пред сè, од една многу едноставна причина - не живееме на пуст остров. Да разграничиме кога треба да се престане со личните убедувања, затоа што тие подразбираат колективни последици. Кога треба да се остави простор професионалците да си ја работат својата работа, затоа што имаме дефинирани плафони кои многу убаво се гледаат кога сакаме да се мешаме во нештата што не ги знаеме, не ги разбираме и конечно, се плашиме од нив од истите причини, но ете, си дозволуваме со леснотија (до ниво на вчудовидување) да дисквалификуваме, да етикетираме, да деградираме, да толкуваме со анимозитет дури и луѓе докажани во конкретните области. Луѓе кои учеле, знаат и разбираат со што имаме работа. Истото се однесува и на модалитетите на третирање на надлежните кои се обидуваат во целиов ужас да дејствуваат најдобро што се може, со оглед на долгогодишното маргинализирање и разнишаноста на сите системи на кои се потпираме – пред сè, здравствениот и воспитно-образовниот, секако. И нашиот третман кон нив, и нивниот кон нас, секако.
Сепак, и покрај толкавиот просто неверојатен наплив на негативна енергија, отпор кон кој било зафат, мерка или обид да се канализираат нештата, здраворазумниот има потреба да каже, да посочи, да се обиде по којзнае кој пат да објасни дека нештата сепак и од нас зависат и дека вината сепак живее и на нашата адреса. Дека сите сме виновни. Еве зошто:
Како може да се објасни однесувањето на дел од родителите кои неаргументирано, но фрапирачки посветено се борат против вакцинацијата, на пример, во време кога паѓаме како покосени и кога во 21 век се повикуваат на небулози, оние што со помош на агресивната упорност се подигаат на ниво на научна вистина? Како да не се запраша човек како е можно во време кое треба да подразбере прогрес во погледот на свет и сите случувања, кога сè е достапно и е на дланка, да не си го знаеме местото за од таму каде што сме да придонесеме токму со тоа што сме во напорот да биде подобро за сите? Зошто тоа „сите“ е само декларативен аспект бидејќи во основа, не ни е гајле за другите (да ни беше, сите ќе живеевме поинаку, со други вредности и погледи). Како да се разбере ставот на родителот дека детето мора да оди на училиште, но маска нема да носи? Какво разбирање на реалната состојба се очекува од детето ако од дома доаѓа со ваков светоглед? Како може да се објасни промената на мислењето на истите луѓе од крајно гласно против онлајн наставата до крајно напаѓачки против наставата со физичко присуство? Каков аргумент е ставот дека ако се по парковите и кафулињата, зошто да не се во училница, без да се помисли дека, сепак, важното прашање е зошто се по парковите и кафулињата? Како може да се објасни отпорот против дигитализацијата, која како што може да се заклучи од вордингот на загрижените, и не е разбрана како што треба? Како може да се објасни апологетиката на хартиените учебници од неписмените, кои во името на писменоста забораваат да објаснат како останале неписмени кога имале хартиени учебници? Се прашуваат ли зошто нивните деца не знаат да читаат во 8. одделение, а средното го отседуваат затоа што го сфаќаат како задолжителна чекалница од која ќе се лансираат директно на факултетите кои можат да ги платат и потоа, еднакво упорно ќе ја бранат писменоста? Од каде толкавата слобода на атакување, со невиден изблик на вулгаризми кои разумот не може да ги прифати како можни? Како е можно да се нема елементарен сенс за доза во однесувањето, независно од заднината на намерите? Каде се загубија културата, воспитаноста? Како е можно мотивот за вакцинација да биде влезот во кафеана или одење на одмор во друга држава, но не и заштитата на самиот себе и на другите околу нас? Како е можно да не се сфаќа дека тоа што постои протокол, правило, насока или како и да се нарече, значи само едно: треба да се почитува? Од каде се појавија луѓето кои знаат сè, само не како да живеат според правилата на животот заедно, во услови кога никој не е поштеден? Од каде се појавија луѓето кои без проблем ќе застанат и ќе оцрнуваат, без оглед на тоа што некој ги гледа, слуша и учи од нив – нивните деца? Од каде се појавија инфлуенсерите со дипломи по медицина од „Гугл“, родителите кои немаат претстава што е образовна политика, но сакаат ете, токму сега да се дел од неа и токму сега сакаат да знаат што пишува во таа програма по која нивните деца ќе учат стравотни нешта? Каде биле досега? Ете ја вината, стои до нив додека посветено читаат пред микрофоните.
Збор-два и за младите. Не им се лутам. Не се тие виновни. Многупати сум рекла – тие се последицата. Причината е на друго место. Во најголем дел живее кај погоренаведените, а многу често се сели и кај оние другите, кои ќе ги споменам нешто подоцна. Опуштени, фатени во стапицата на младоста која не подразбира одговорност. Си го сфаќаат своето време како „само сега“ и ако нема кој да инсистира на тоа да ги научи дека животот е убав кога трае и се поминува и во грижа за другите (а нема), секако дека нема да умеат да гледаат подалеку од себе. Ако живеат во амбиент во кој болеста е измислица, заговор и алат за уништување на народецот, не можат да видат дека болеста убива и дека само со свесност за тоа каква тежина носи, ќе можеме да ѝ го видиме грбот? Училиштето одамна не е предизвик. Моделите на однесување, дискутабилни – родителите и учителите, еднакво заглавени во лифтот кој за нив значи само едно: нагоре по секоја цена. Само не преку чесен, посветен чекор. Оти тој не води нагоре. Искреното им дружење, пак, исто така излезено од мода. Затоа седат по кафулињата загледани во своите телефони. Во нив живеат.
Еве ме кај нас, учителите. И на нашата адреса, во нашите умови живее вината за тоа зошто е вака како што е. Оти вистинскиот учител не влегува во лифтот за нагоре како на брза лента. Тој се вика учител затоа што од него децата треба да научат дека потешкиот избор е вистинскиот и дека не постои некој или нешто што би можело тоа да го доведе под знак прашалник. Оти ако тој самиот не почитува, одбива да прифати дека образованието не е статична сфера и дека држењето чекор со светот бара многу труд и волја, не ја подразбира промената како промена на самиот себе – не може тоа да го очекува од детето пред кое стои. Ако времето е такво да бара многу, а такво е, тогаш тоа „многу“ е императив. Ако нештата се тешки, а тешки се, мора да се прифатат како такви и да им се олеснат на децата. Ако од нас се бара одговорност за да ги научиме децата на неа, тогаш ние сме виновни. Сè друго отвора многу прашања, а пред сè, секако најважното: дали сум јас учител?
И надлежните конечно. И тие живеат со вината под ист покрив. Помалку содржина, повеќе форма, за жал. Реално прифаќање на баластот кој ова што нè снајде и нас и светот го носи. Децата не се бројки. Не се проценти. Учителите исто така. Имаат семејства и тие. За секоја загуба и опасност, куферите на тагата се личен товар, не се збирна статистика. Ако условите налагаат внимателност и треба да подразберат вистинска грижа, тогаш треба да се проценат и да се носат решенија кои имаат логика, смисла и се во корелација со можностите. Особено со оние што ги немаме. Ваквите мачни времиња не смеат да толерираат желботеки, безобразија и дрскост – бараат осмисленост и реализација без отстапки. Впрочем, со нас вакви какви што сме, не се остава простор за дефокус и искривување на стварноста. Војна е. Цврста рака бара. Оружјето вие го имате, сите надлежни. Виновни сте ако дозволите да сме топовско месо само затоа што овој или оној смета вака или онака. Каква е состојбата, такви треба да се мерките. И точка.
Да, така ќе да е. Секој по сантиметри вина и ете ги километрите безизлез. Вината си живее со сите нас и само едно нешто може да нè спаси: одговорната свесност дека од сите нас зависи.