X
 23.03.2019 Технологија

Осло се подготвува за електрична иднина на јавниот превоз

Апетитот на Норвешка за електрични автомобили е во подем, а главниот град Осло ќе биде првиот што ќе инсталира безжична инфраструктура за полнење на електричните такси-возила во градот.

Еден од плановите за намалување на загадувањето и електрификација во Норвешка се однесува и на јавниот превоз, па до 2023 година во главниот град Осло на патиштата повеќе нема да возат такси со мотори со внатрешно согорување, а по 2025 година во Норвешка повеќе нема да се продаваат автомобили на бензин и дизел, и главниот акцент ќе биде ставен на возилата со електрични мотори.

За да им ја олесни оваа транзиција на корисниците и таксистите, во Осло наскоро ќе почнат да се поставуваат подлоги за безжично полнење на батериите на автомобилите. Тие ќе бидат поставени на местата каде што стојат такси-возилата, додека во автомобилите ќе се вгради технологија што ќе овозможи полнење.

norveska
Фото: Fortum


Финската компанија за енергија „Фортум“ го најави партнерството со Осло на овој проект, како и соработка со американската компанија за безжични полнења „Моментум Дајенмикс“.

Додека ги чекаат клиентите, такси-возилата ќе се полнат преку индукција со брзина од 75 kW.

- Проектот ќе биде првата безжична инфраструктура за брзо полнење за електрични такси во светот, а исто така ќе помогне во понатамошниот развој на безжичната технологија за полнење за сите возачи на електрични возила - изјавија од компанијата „Фортум“.

- Иднината е електрична и веќе е тука, сега. Безжичното полнење е потенцијален менувач на играта. Од 2023 година натаму сите такси-возила во Осло ќе имаат нула емисија. Заедно со такси-индустријата ќе се осигуриме дека промената е што е можно поедноставна и поефикасна. Осло секогаш ќе биде на чело на иновациите и ние сме среќни што ги здруживме силите со двата најпрогресивни играчи за лансирање на најамбициозниот план за безжично полнење на такси-возилата - изјави менаџерот на „Електро мобилити“, Стуре Портвик

Речиси цела Норвешка вози електрични возила. Продажбата на електрични автомобили порасна за 40 отсто во Норвешка минатата година, а моделот 3 на „Тесла“ неодамна ги сруши рекордите за испорака во земјата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија