Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, по повод Меѓународниот ден на науката, ги прогласи најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 во три категории.
Во категориите - најплоден научник на УКЛО и најдобар научник на
УКЛО третото место во двете категории врз основа на критериумите за селекција ѝ припаѓа на проф. д-р Билјана Трајковска од Факултетот за биотехнички науки - Битола.
Во категоријата најплоден научник професорката Трајковска во академската 2022/23, во Scopus базата на податоци има 4 објавени труда, а во категоријата најдобар научник, во првиот квартал на Scopus базата на податоци, со 2 објавени труда има вкупен рејтинг (CiteScore) 7,3.
Како гледате на иницијативата на УКЛО за избор на најдобри научници на Универзитетот?
Сметам дека оваа иницијатива е одлучен почеток кој треба да продолжи и во иднина, кој ќе даде поттик за младите научници повеќе да творат и да се занимаваат со научноистражувачка работа.
Кое е Вашето најголемо достигнување во полето на науката? Кој е Вашиот следен предизвик?
Како млад научник, досега имам реализирано повеќе студиски престои во странство на кои сум особено горда за можностите што сум ги имала. Би ги издвоила универзитетите во Австралија, Словачка, Грција, Хрватска, Романија, Израел, Бугарија... Плод на тие студиски престои биле многу заеднички трудови. Дополнително, горда сум и на проектите со апликативен карактер, во соработка со индустриски капацитети. Следен предизвик би бил работа на постдокторски проект во странство.
Што значи да се биде научник и што, според Вас, треба да се направи за да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање?
Да се плива во водите на науката подразбира отвореност за соработка, решителност, упорност и иновативност. Потребно се кадровски и финансиски можности со цел да се постигне поголем напредок. Поголема вклученост на студентите во научноистражувачката работа може да даде поголеми резултати, напредок и видливост на Универзитетот.
Поддршката во науката е поддршка на развојот на општеството. Во таа смисла, што ќе им порачате на Вашите колеги, пријатели и на студентите на УКЛО?
Општествените текови постојано се менуваат, а науката треба да го потпомогне тој тек со вмрежување на академскиот кадар со стопанските субјекти. Несебично споделување на знаењето, поголема соработка и мултидисциплинарен пристап кон работите. Исто така, и на колегите и на студентите би им посакала повеќе да патуваат и да соработуваат со научници однадвор, да веруваат во својот потенцијал и можностите. Дополнително, на студентите би им посакала да бидат упорни и неуморно да работат, бидејќи ништо не доаѓа преку ноќ. Активно да се вклучат во научноистражувачката работа, критички да размислуваат и да творат, бидејќи тие се движечкиот потенцијал на едно општество.
Може ли да ни откриете што Ве прави среќни?
Времето поминато со моето семејство, особено со мојот син Божидар, и со пријателите. Можностите за стручно усовршување и професионален развој.
Дали имате идеја водилка, мото што Ви дава силна инспирација?
Континуиран напредок и работа, мали, но значајни промени за една подобра верзија од себе.
Континуираното подобрување е подобро од одложеното совршенство - Марк Твен.
(Комерцијална објава)