X
 28.06.2023 Образование

Даниела Андоновска-Трајковска е добитник на наградата „Михаи Еминеску“ за 2023 во Романија за новата поетска книга

Добитник на реномираната награда за поезија „Михаи Еминеску“ за 2023 година, која ја доделува Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова, на чело со проф. д-р Јон Деаконеску и Европската академија на науките, уметностите и хуманистичките науки, е македонската поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, уредничка, доктор на науки и универзитетска професорка вработена на Педагошкиот факултет-Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола, Даниела Андоновска-Трајковска, која учествуваше на светскиот фестивал на поезијата „Михаи Еминеску“ во периодот 16-21 јуни 2023 во Крајова, Романија.

Професорката Даниела Андоновска-Трајковска, освен наградата што ја доби за својот оригинален стил на пишување во кој ги осветлува секојдневните аспекти на живеењето и постоењето, доби и златен медал „Михаи Еминеску“ за нејзините заслуги во областа на културата во национални и светски рамки, а исто така беше прогласена и за амбасадор на културата за нејзиното суптилно разбирање на различните култури, промоцијата на духовното наследство и книжевноста.

1

Учесници на фестивалот беа 32 значајни поети, од кои повеќето и универзитетски професори и академици од САД, Шпанија, Чиле, Мексико, Аргентина, Белгија, Сенегал, Конго, Србија, Бугарија, Грција, Црна Гора, Романија, Косово, Италија, Индија, Северна Македонија и Бразил чија поезија на мајчин јазик, но и на англиски и на романски беше претставена во Музејот на уметностите во Крајова, Гимназијата „Волтер“, Ботаничката градина, Музејот на уметноста „Стефан Маринчу“ во Калафат, Манастирот Житиану, Универзитетот за медицински науки и фармација, Резиденцијата на округот Долж, Центарот за култура Бранчуси, паркот „Николае Романеску“, Епока, Еуропека и други места и локации во Крајова. Учесник на фестивалот од Северна Македонија беше и познатиот поет Борче Панов кој доби златен медал „Михаи Еминеску“ и исто така беше прогласен за амбасадор на културата за неговите заслуги во областа на културата, но и неговото влијание во светската литература.

Во рамките на фестивалот, на сите претходно споменати локации беше претставена поезијата на Андоновска-Трајковска, но и книжевна критика за нејзиното творештво. Во повеќејазичната гимназија „Волтер“ во Крајова беше преведен дел од нејзината поезија на шпански јазик, а потоа презентирана од страна на ученици – вклучени во преведувачката активност во рамките на Фестивалот, а под менторство на нивните професори од гимназијата. Потоа беше организиран и книжевен разговор со професорката на теми кои се обработени во нејзините поетски книги „Електронска крв“ (2019, наградена со националната награда „Караманов“ за најдобра поетска книга во 2019) и „Математичка поезија“ (2020, наградена со наградата за поезија „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга објавена од Друштвото на писателите на Македонија).

nagrada

Исто така, деновиве излезе од печат првата книга на романски јазик од Даниела Андоновска-Трајковска, „Човечињата од хартија и Бог“, која беше промовирана во рамките на фестивалот „Михаи Еминеску“ од страна на претседателот на Меѓународната академија „Михаи Еминеску“, проф. д-р Јон Деаконеску, и Ирина Лупу. Книгата е во препев на познатиот романски поет, ликовен уметник и преведувач Константин Северин, корицата е дизајнирана со слика од реномираниот полски уметник Витолд Закржевски, а е во издаваштво на издавачката куќа „Еикон“ од Букурешт, Романија. Рецензијата за книгата ја напиша универзитетската професорка по книжевност на Универзитетот „Стефан цел Маре“ од Сучеава и член на Друштвото за наука на Романија, д-р Елена-Брандуша Стеичиуц, која истакна дека книгата се одликува со оригинален стилски и модерен израз, во некои делови мистериозен, со печат на македонската култура, но истовремено и универзален, а Андоновска-Трајковска е значајна поетеса која ќе има уште поголемо влијание во книжевноста.

Книгата „Човечињата од хартија и Бог“ од Даниела Андоновска-Трајковска беше претставена и на Меѓународниот саем на книгата “Alma Mater Librorum” во организација на Универзитетот „Стефан дел Маре“ на 24 јуни 2023. За книгата зборуваа проф. д-р Елена-Брандуша Стеичиуц, директорот на издавачката куќа „Еикон“, Валентин Ајдер, и проректорот на Универзитетот, реномираниот книжевен критичар, проф. д-р Мирчеа А. Дикону.

(Комерцијална објава)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование