Универзитетите во Албанија размислуваат за нови начини на оценување на студентите за време на пандемијата на коронавирусот.
Филолошкиот факултет веќе одлучил дека неговите 2.000 студенти ќе ги полагаат испитите преку интернет, а преку интернет ќе се бранат и магистерските тези.
Студентската година нема да биде продолжена, но ќе има две сесии за онлајн-испити.
Според Артур Сула, декан на факултетот, студентите може да одберат дали ќе полагаат онлајн-испит во јуни или ќе чекаат на посебна испитна сесија во септември. Професорите се тие што одлучуваат како ќе ги спроведат испитите, а дипломските тези ќе се бранат онлајн, вели Сула.
Фото: Pixabay
За Правниот факултет, онлајн-испитите се последна опција и тие ќе бидат одржани само доколку ситуацијата се влоши. Деканот Артан Хоџа вели дека испитите ќе се одржуваат во текот на летото, но не преку компјутер, туку на факултетот, притоа почитувајќи ги мерките за заштита и дистанцирање. Хоџа додава дека оваа година испитните сесии веројатно ќе бидат продолжени.
Во меѓувреме, останатите факултети треба да одлучат како ќе ја завршат академската година. Министерството за образование работи на сценарио за затворањето на средните и основните училишта и начинот на полагање тестови.
Извор:
albaniandailynews.com