X
 19.06.2021 Здравје

Исхрана што може да ви го продолжи животот за 3 години, а се практикува 8 недели

Луѓето долго време бараа чудесни еликсири и магична храна за да бидат здрави до староста, а се чини дека неодамнешно истражување успеа да го открие токму тоа.

Новото истражување спроведено од Институтот за истражување „Хелфог“ при Националниот универзитет за природна медицина открило дека специфична комбинација на храна може да му додаде повеќе од три години на вашиот животен век, доколку се придржувате кон неа во период од осум недели. Додека исхраната е од суштинско значење, истражувачите откриле дека нивната двомесечна програма се состои и од сон, вежбање и упатства за додатоци што промовираат долговечност.

Истражувањето, кое беше објавено во списанието „Ејџинг“ во април, вклучувало 43 здрави возрасни мажи од 50 до 72 години; 21 од нив ја следеле исхраната, вежбањето, спиењето, управувањето со стресот и режимот на додатоци, а 22 дејствувале како контролна група.

Водечката авторка Кара Фицџералд објаснува дека програмата е дизајнирана да насочи кон специфичен биолошки механизам наречен ДНК-метилација и особено моделите на ДНК-метилација кои се идентификувани како високо предвидливи за биолошката старост.

- Она што е исклучително возбудливо е дека практиките за исхрана и начин на живот, вклучувајќи специфични хранливи состојки и соединенија на храна, за кои се знае дека селективно ја менуваат ДНК-метилацијата, може да имаат такво влијание врз оние модели на ДНК-метилација за кои знаеме дека предвидуваат стареење и болести поврзани со стареењето - вели Фицџералд.

Истражувачите конфигурирале многу специфична исхрана за учесниците во групата што требало да ја следат во текот на осумнеделното истражување. Секоја недела тие морале да јадат 255 грама црн дроб и 5 до 10 јајца.

1
Фото: Freepik

Исхраната била полна и со зеленчук, а учесниците го консумираа следново секој ден: две чаши темнозелен зеленчук (кељ, спанаќ и раштан); две чаши растителен зеленчук (брокула, карфиол, прокељ); три чаши разнобоен зеленчук (но не и бел компир или пченка); и едно или две цвекла.

Исто така, секој ден учесниците јаделе четири лажички семе од тиква и четири лажички семе од сончоглед. Згора на тоа, тие требало да консумираат една порција метилациони адаптогени, што се појавувале во форма на половина чаша зрнести плодови, половина лажичка рузмарин, половина лажичка куркума, две средни чешниња лук, две чаши зелен чај или три чаши улун чај. На крај, учесниците морале да консумираат 150 грама животински протеини кои биле органски, без хормони и антибиотици, како и две порции овошје со ниско ниво на гликемија (јаготки, јаболка, праски).

Исхраната доаѓала со општи упатства за консумирање органска храна секогаш кога е можно; исто така, тие требало да останат хидрирани, да користат здрави масла (кокосово, маслиново, масло од ленено семе и масло од семе од тиква), да балансираат различни видови маснотии, да избегнуваат шеќери, млечни производи, житарици и мешунки. Дополнително, на учесниците им било препорачано да не јадат помеѓу 19 и 7 часот наутро. Исто така, истражувачите побарале од нив да ја минимизираат употребата на пластични садови за храна, што може да придонесе за внесување хемикалии што негативно влијаат врз здравјето.

Вежбањето бил уште еден клучен дел од режимот за осум недели. На учесниците во групата за третман им било препишано минимум 30 минути вежбање дневно, најмалку пет дена во неделата, вкупно два и пол часа неделно.

Секоја сесија за вежбање требало да биде со интензитет од 60 до 80 отсто од максималниот перципиран напор.

Во согласност со режимот, кандидатите земале суплементи кои биле комбинација на органски зеленчук, овошје, семиња, растителни ензими, пребиотици и пробиотици двапати на ден.

Спиењето било исто толку важно колку и исхраната и вежбањето. На мажите им било укажано дека треба да спијат минимум седум часа. Покрај тоа, тие биле насочени да вклучат специфична техника за управување со стресот. Двапати дневно им било наложено да прават вежби за дишење.

Извор: Bestlifeonline.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје