Во 2015 година еден швајцарски студент заминал од аеродромот во Цирих со куфер полн со празни паричници, многу кеш и 400 клучеви. Властите го запреле за да го прашаат за што станува збор, а тој им објаснил дека е социјален експеримент.
Студентот бил дел од тим истражувачи кои решавале две важни прашања:
-Дали луѓето ширум светот би вратиле најден изгубен паричник?
-Дали сумата на пари во паричникот би направила некаква разлика?
Членови на тимот патувале во 355 града во 40 земји со сомнителен багаж во кој носеле повеќе од 17.000 паричници.
Вработените во институции како музеи, банки и полициски станици несвесно станале дел од глобален експеримент за граѓанската чесност кога им биле претставени паричници кои наводно биле загубени.
Без оглед на тоа за која земја станувало збор, луѓето повеќе се обидувале да ги вратат паричницците со поголеми суми на пари, покажува студијата.
-Студијата покажува дека луѓето се гледаат самите себе како добри луѓе и сакаат да си го задржат тој имиџ - вели психологот Нина Мазар, која ја испитувала чесноста во лабораториски услови.
Новата студија оди чекор понапред и ја тестира чесноста во секојдневниот живот.
За секој експеримент млад европски турист влегувал во банка или друга институција со паричник во кој имало листа за пазарување, клуч и неколку визитки напишани на локалниот јазик.
Туристот го предавал паричникот на вработен и велел: Го најдов на улицата кај влезот. Сигурно некој го загубил. Можете ли да се погрижите за тоа?
Во некои случаи вработениот откривал дека во паричникот нема пари. Во други случаи во паричниците имало по 15 долари во локална валута, додека во некои побогати замји, во некои паричници или немало пари, или имало 15 или речиси 100 долари.
Туристите во овие експерименти всушност биле асистенти во истражувањето.
Фактот дека луѓето биле порасположени да ги вратат паричниците во кои имало пари (особено ако имало многу пари) ги изненадил истражувачите. Исто така ги изненадил и оние 300 економисти кои истражувачите ги испитувале, а кои предвиделе дека е поголема веројатноста луѓето да си ги задржат
паричниците со пари.