Има многу полоши работи од губењето на клучевите, паричникот или телефонот. Но никој не си го вели тоа во моментот кога ќе изгуби нешто. За жал, тешко е да се пронајдат изгубените предмети. Но, во Јапонија големи се шансите дека ќе го добиете назад тоа што сте го изгубиле.
Јапонија има ефикасен начин за враќање изгубени предмети. Доколку некој жител пронајде изгубен предмет, наместо да се прашува каде да го пријави, оди во локалната мала полициска станица во непосредна близина. Имено, во земјата има над 6.300 вакви мали полициски станици, таканаречени кобани.
Фото: Pixabay
Во 2018 година биле пријавени 4,1 милиони изгубени предмети. Истата година 83% од изгубените телефони и 65% од изгубените паричници им биле вратени на сопствениците.
Изгубените предмети најчесто се чуваат во станицата еден месец во случај сопственикот да се врати по нив. Потоа се испраќаат во центарот за изгубени предмети во главната полиција, каде што се бараат информации за сопственикот и податоците за предметите се ставаат во онлајн-база до која има пристап целата јавност. Предметите се чуваат три месеци. Потоа му се враќаат на сопственикот доколку е идентификуван. Оние предмети чии сопственици не се пронајдени се продаваат.
Фото: Pixabay
Што ги поттикнува Јапонците да бидат толку одговорни? Почитта. На училиште децата од мали учат дека нивна обврска е да ги вратат изгубените предмети во полицијата. Освен тоа, тоа е и законска обврска. Законот предвидува и награда, која е процент од вредноста на предметот, доколку му биде вратен на сопственикот.
Извор:
Мentalfloss.com