X
 23.06.2020 Наша тема

Протестно писмо на БАН за текстовите на акад. Коцарев и проф. Марковиќ за континуитетот на македонскиот јазик, објавени на Факултети.мк

Во писмото до Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) пишува дека Бугарија може да го ревидира понатамошното учество во меѓународниот проект, значаен за целата светска славистичка наука

Бугарската академија на науките (БАН) испратила протестно писмо до претседателите на националните комисии на ОЛА и до претседателката на Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) поради ставовите за вековниот конитунитет на македонскиот јазик на академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, и македонистот и лингвист проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на Академијата, објавени во повеќе интервјуа и колумни на Факултети.мк.



- Искрено се надеваме дека ни гарантирате мирни услови за научна работа на бугарската страна и дека нема потреба да размислиме за понатамошното бугарско учество во овој исклучително важен меѓународен проект, значаен за целата светска славистичка наука – Општословенскиот лингвистички атлас - се вели во писмото.

Преку дописот БАН бара поддршка за своите ставови со образложение дека во зборовите на Коцарев и Марковиќ има „невистини, тврдења и оцени кои ги засегаат престижот, достоинството и научната објективност како на бугарската национална комисија така и на Меѓународната комисија на ОЛА“. Писмото е испратено до претседателката на Меѓународната комисија на ОЛА и националните комисии на нашата земја, Белорусија, Босна и Херцеговина, Германија, Полска, Србија, Словачка, Словенија, Украина, Хрватска и Чешка. Документот е потпишан од претседателот на БАН, академик Јулијан Ревалски, заменик-претседателот Васил Николов, дописен член на БАН, и од претседателката на бугарската Национална комисија на ОЛА, Славка Керемидчиева.

Насловната интернет-страница на БАН / Фото: Принтскрин

Во писмото БАН објаснува дека бугарските академски и универзитетски научници ја издале книгата „За официјалниот јазик на Република Северна Македонија“ како научен одговор на „Повелбата за македонскиот јазик на Собранието на МАНУ“.

„Тоа со ништо не беше испровоцирано од бугарска страна. Во македонските медиуми имаше низа публикации на академик Љупчо Коцарев, кој на широко ја претставува историјата на бугарското учество во ОЛА и односот на меѓународниот лингвистички свет кон бугарската лингвистичка наука. Тој потцртува дека до 2005 година, по враќањето во ОЛА по 23-годишното отсуство, бугарската национална комисија ги прифатила условите поставени од Меѓународната комисија за самостојноста на македонските дијалекти и македонскиот јазик, на заседанието на Меѓународната комисија на ОЛА во Краков, Полска, 2005 година. Понатаму, претседателот на МАНУ ги цитира зборовите на претседателот на македонската Националнана комисија на ОЛА, Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, според кој оттогаш до денес ниту бугарската национална комисија ниту БАН не се спротивставиле дури и неофицијално на ,самобитноста и местото на македонскиот јазик и неговите дијалекти во словенскиот јазичен свет“ (објавено на Факултети.мк)“, се вели во писмото.


Академик Љупчо Коцарев

БАН тврди дека во текстовите се изнесени невистини, тврдења и оцени кои ги засегаат престижот, достоинството и научната објективност како на бугарската национална комисија така и на Меѓународната комисија на ОЛА.

- При враќањето на Бугарија во славистичкиот колектив на ОЛА не беа поставени никакви услови за признавањето на „македонскиот јазик со неговите дијалекти“ од ниту една од националните комисии, ниту од Меѓународната комисија на ОЛА. Бугарските научници-дијалектолози, како и научниците од останатите комисии знаат дека без бугарскиот материјал, словенската јазична слика на сите нивоа не само што нема да биде целосна, туку ќе биде и невистинита. Низ овие 15 години работа во ОЛА бугарските научници никогаш не биле подложени на притисок за искривување на научната вистина и работните состаноци се одвивале во мирен и конструктивен дух. Ставот на бугарската наука за дијалектите во Република Северна Македонија останува непроменет. По тој повод раководството на Бугарската академија на науките и бугарската Национална комисија на ОЛА се должни да ве известат дека не ги прифаќаат констатациите и заклучоците на научниците од МАНУ - пишува во писмото.


Проф. д-р Марјан Марковиќ

Инаку, работата врз Општословенскиот лингвистички атлас (ОЛА) започнала врз основа на одлуката на 4. Меѓународен конгрес на славистите, одржан во Москва во 1958 година, каде што меѓу другите словенски јазици е вброен и македонскиот јазик и неговите дијалекти.

Македонските дијалектни материјали собирани според прашалниците на Општословенскиот лингвистички атлас се запишувани од македонските дијалектолози во период од десетици години. Тие материјали се чуваат во форма на прашалници и опфаќаат 24 населени места (16 на територијата на Р.С. Македонија, 1 во Р. Албанија и 7 во Р. Грција). Меѓународната комисија на ОЛА, преку своите национални комисии, досега има објавено десетина фонетски и лексички томови во кои се картографирани резултатите од 3.454 дијалектни прашања собирани во над 850 населени места на целата словенска јазична територија, при што македонската јазична територија никогаш не била оспорувана и е претставена во објавените томови, а бугарската јазична територија останувала празна поради неучеството на Бугарската национална комисија (од 1982 до 2005 година).

Линк до една фонетска карта од 1990 г. од Фонетски том бр. 2.

Светските слависти застанаа во одбрана на македонскиот јазик и дијалектите наспроти ставовите на БАН

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема