Твитот на академик Ќулавкова предизвика лавина реакции, многу омраза, дури и закани за нејзиниот живот. Во колумната за Факултети.мк, Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, ги коментира нејзиниот твит и реакциите на тој твит
Пишува: академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ
Што е твит? Изразувањето на уметниците е секогаш повеќеслојно, со амбивалентни, плурални и испреплетени значења, подложни на различни толкувања. Убавината на книжевно-уметничкиот израз е токму во неговата повеќезначност, а не во неговата еднозначност. Според вообичаените теориски дефиниции, твитот е куса афористична досетка која може да се толкува на многу начини. Твитот може, дури, да се толкува и како игра на зборови: соживот (тука се користи збор со префикс со) и со живот (тука се користи предлогот со). Самиот термин соживот е калка (изведенка) од зборот cohabitation, со основно значење заеднички живот, живот во заедница.
Фото: Pixabay
Начинот на кој академик Ќулавкова го практикува нејзиниот (со инхерентни спротивставености) живот е редок пример на соживот со различните етникуми во Македонија. Таа во континуитет се залага за афирмација на сите книжевни, културни и јазични заедници во Македонија и во регионот. Кај Кјеркегор има многу интересен пасус, според кој, во човекот се наоѓаат најголемите спротивставености кои би ги забавувале психолозите бесконечно, и да додадам, спротивставености кои, од друга страна, се извор на многу дела. Спротивностите им се иманентни за сите. Така, на пример, пишувањата на Исак Њутон укажуваат дека тој, создавајќи ги основите на математика и физиката, истовремено работи на откривањето на филозофскиот камен (кој ги претвора основните метали во злато) и еликсирот на животот.
Што значи постот на академик Ќулавкова: „Цената на соживотот ја плаќаме со животот“. За мене, суштината (или како јас гледам што сака да каже поетесата Ќулавкова со постот) е следна. Проблемот во нашето општество се (голем дел од) нашите политичари (тука под наши подразбирам и албански и македонски, сите). Уште Платон во Република (книга VI) тврди дека демократскиот процес на одлучување има тенденција да ја истакне важноста на изборната победа за сметка на стручноста што е неопходна за правилно управување, владеење со општество. Заради владеењето, политичарите, по мене, всушност, честопати нѐ водат до таму каде што сме: апсолутна нула. Апсолутна нула е најниска можна температура од која ништо не може да биде поладно, систем без топлотна енергија.
Академик Љупчо Коцарев / Графички дизајн: Кети Пренда
Зошто сега и зошто токму академик Ќулавкова? Последниов период таа е еден од најистурените поборници за зачувување на
просторниот и временски континуум на македонскиот јазик и преку своите настапи дава силен отпор кон можните политички договори кои го засегаат македонскиот јазик, кој меѓу другото е нејзина професионална одговорност. Голем дел од „критичката јавност“, текстовите и сѐ друго што е поврзано со македонскиот јазик и македонското национално чувство ги толкуваат помалку како национален патриотизам, туку, многу повеќе, дури исклучиво, како национален шовинизам и негирање на другиот. Академик Ќулавкова подолг период е одбележана како
поборник на националните (етничките, јазичните, културните) права на Македонците, но таа самата ниту во еден свој текст не го наметнала тоа право на штета на другите етнички заедници. Токму поради тоа, нејзиниот твит веднаш е протолкуван низ призмата на новата „политичка коректност“ каде што посебноста значи
ексклузивност, а не инклузивност. Со други зборови, бидејќи академик Ќулавкова однапред е ставена во некаков етнонационален контекст, нејзиниот твит е ставен во истиот контекст.
Како да реагираме на твитот на академик Ќулавкова? Сите реакции се легитимни. Немам намера никого да правдам. Решението на проблемот е едноставно и сите го знаеме. Не е време за твитови кои може да бидат разбрани погрешно, без разлика што академик Ќулавкова е голем поборник за рамноправен етнички соживот во Македонија, но, по мене, не е време ни за такви реакции на нејзиниот твит.
Многу е ладно на апсолутна нула. Ајде сите заедно да направиме сѐ за да се поместиме од нулата. Ги повикувам сите да ги читаат во иднина и авторите на реакциите и академик Ќулавкова - еден од водечките мислители во Македонија. Сепак, да се читаме и да разговараме, ама тоа да го правиме со достоинство и заемна емпатија. Во „Молитва“, Булат Окуџава пее „на Каин дај му покајание... и не заборавај ме и мене“, а јас само сакам со колумнава барем малку да се стоплиме.