Постојат редица примери на јазици што се многу повеќе слични од македонскиот и бугарскиот, но легитимноста на секој од нив никогаш не е оспорувана
При прогласувањето на македонскиот јазик за „вештачки“, Бугарската академија на науките се потпира на две бесмислени тврдења: политичкиот карактер на македонскиот јазик и сличноста со бугарскиот јазик, вели академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ.
Тој не сака да го коментира
писмото на БАН испратено до Меѓународната комисија на Општословенскиот лингвистички атлас и до 12 национални комисии зашто писмото не било официјално испратено и до МАНУ. Но, Коцарев подвлекува:
Академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ
- Постојат редица примери на јазици што се многу повеќе слични од македонскиот и бугарскиот, но легитимноста на секој од нив никогаш не е оспорувана. Од друга страна, современиот бугарскиот јазик и современиот македонскиот јазик се кодифицирани врз основа на два географски оддалечени говори, кои се разликуваат по многу лингвистички карактеристики. Надополнувајќи го Виктор Фридман, член на МАНУ и на повеќе балкански академии, човек што знае повеќе од 20 јазици, кој во една пригода напиша „македонскиот и бугарскиот јазик се деца на истиот јужнословенски родител“, а земајќи ја предвид повеќевековната традиција и на македонските и на бугарските јазични разновидности, јас би додал: македонскиот и бугарскиот јазик се близнаци на ист јужнословенски родител, при што на компресираната временска скала од илјадници години во која годините се претставени со секунди, бугарскиот јазик е роден една до две минути пред македонскиот - вели Коцарев.
Меѓународната комисија на ОЛА ја одбрани научната вистина
На почетокот од јуни БАН испрати писмо до Меѓународната комисија на ОЛА поради текстовите за континуитетот на македонскиот јазик на акад. Коцарев и на на проф. д-р Марјан Марковиќ, лингвист, македонист, славист и балканист, дописен член на МАНУ и претседател на македонската Национална комисија на ОЛА, објавени во повеќе наврати на Факултети.мк.
Меѓународната комисија на ОЛА одговори
дека нема да дозволи политиката да стане пречка и да влијае врз научната работа на ОЛА.
Проф. д-р Марјан Марковиќ, претседател на Националната комисија на ОЛА
Марковиќ вели дека Меѓународната комисија на ОЛА зазела многу принципиелен став по повод писмото на претседателот на БАН и застанала во одбрана на научната вистина.
- Македонскиот јазик, претставен преку 24 дијалектни пункта, е вклучен во тој најголем славистички проект уште од 1958 година кога беа поставени основните научни принципи на ОЛА. Токму во писмото на Меѓународната комисија на ОЛА се наведува дека Меѓународната комисија нема да отстапи од тие принципи и дека политиката не може да влијае врз нејзината работа. Уште еднаш подвлекувам дека Бугарската национална комисија го напушти проектот ОЛА во 1982 година и не учествуваше сè до 2005 година, а македонскиот јазик и неговите дијалекти целиот период од над 60 години рамноправно се проучуваат и картографираат заедно со сите други словенски јазици. Неприфаќањето на тие меѓународни факти од страна на БАН и Бугарската национална комисија при ОЛА може да биде само нивно внатрешно прашање и „духовна болка“, додека во меѓународните научни институции, а особено во славистичкиот колектив на ОЛА, рамноправното учество на македонскиот јазик воопшто не е и нема да биде предмет на никаква научна дебата - вели Марковиќ.
Тој објаснува дека одговорите на другите претседатели на национални комисии при ОЛА оделе во ист правец – дека е незамисливо во 21 век некој некому да му го оспорува основното право на идентитетско и јазично самоопределување, а особено било подвлечено дека меѓународните научни институции се водат единствено според научни аргументи и факти, а не според политичките желби на одредени земји.
- Меѓународната наука уште во 20 век недвосмислено го прифатила временскиот и просторен јазичен континуитет на македонскиот јазик, кој зазема високо место не само во славистичките проучувања, туку и во проучувањата на типологијата на јазици во контакт, при што македонскиот јазик покажува како еден јужнословенски јазик може да ја адаптира и да ја реорганизира својата длабинска јазична структура, пред сè, за да овозможи полесна комуникација помеѓу говорителите на македонскиот јазик, а исто така и да овозможи поголемо разбирање со другите несловенски балкански јазици. Токму таа „уникатност“ на македонскиот јазик е многу податна за меѓународните лингвистички, социолошки и културолошки проучувања. Имајќи го сето тоа предвид, недвосмислено може да се разбере зошто од денешна перспектива бугарските политички и „научни“ барања наидуваат на целосно одбивање и неприфаќање од меѓународната научна заедница, како на индивидуален така и на институционален план - вели Марковиќ.
Науката мора да биде одговорна
Според него, сериозните напади врз македонскиот јазик, како на политички така и на научен план, предизвикаа не само бура од негодување и аргументирани одговори на меѓународната научна заедница, туку, како никогаш досега, ја мобилизираа и ја обединија македонската лингвистичка средина. На иницијатива на МАНУ и со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, заедничката работна група е на прагот на издавање четири капитални изданија за македонскиот јазик.
Се работи за: колективна монографија „Македонскиот јазик - континуитет во простор и време“, каде што е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик сè до неговата кодификација, „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од 9 до 20 век, „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во кој 30-ина странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик, а секако и „Лингвистичкиот атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти. Атласот е веќе излезен од печат, а другите дела се во финална подготовка за печатење, при што наскоро (во првата половина на јули) четирите институции ќе организираат заедничка промоција на овие четири капитални дела. Сите овие дела ќе бидат поставени и во дигитална форма на интернет-порталот за македонскиот јазик во рамките на МАНУ.
Јазиците, според научните принципи на основачите на ОЛА
- Сето ова покажува дека македонската лингвистичка средина се обединува за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика. Само со научно аргументирани ставови и ваков тип изданија науката може цврсто да застане на патот на произволните и „прагматични“ толкувања и аспирации на политиката. Исто така, со сета оваа научна мобилизираност и со овие капитални дела македонската лингвистичка наука на некој начин им дава сериозно оружје на македонските политичари за полесно да се справат во нерамноправната политичка битка на условувања кои засегаат одамна затворени теми и ги нарушуваат основните загарантирани човекови права, меѓу кои се правата на национално и јазично самоопределување - вели Марковиќ.
На прашањето во каква позиција е науката кога највисоката научна институција на една земја станува параван на политиката, Коцарев одговара:
- Во едно општество науката и уметноста, од една страна, и политиката, од друга страна, се преплетени на сложен начин, факт кој, некои од нас, научниците и уметниците, за жал, не сакаат да го признаат. Во демократиите, граѓаните формираат политики партии кои, потоа, преку различни модели на финансирање ги врамуваат научните и уметничките активности. Притоа, сепак, науката мора да биде одговорна кон општеството во целина, а не да биде во служба на политичките или верски лидери. Во спротивно, а за тоа сме сведоци катадневно, општеството, обичните луѓе, односите меѓу народите, страдаат. Но, за жал, дури и денес, понекогаш е тешко да се изусти: Eppur si muove - вели Коцарев.