X
 23.08.2018 Наука

Непосакувана особина што нѐ прави вистински луѓе



Без оглед дали ги признаваме своите грешки, дали бараме помош за извршување на задачите, дали ги покажуваме своите чувства или, пак, први се извинуваме, сите овие ситуации имаат заеднички именител – ја покажуваме својата ранливост.


Натажена девојка во природа
(Фото: Pixabay)


Повеќето од нас сме воспитувани да мислиме дека ранливоста е непосакувана особина, нешто поради кое другите ќе нè осудуваат, сметајќи нè за „плачковци“.

Сепак, сите сме родени како ранливи личности. По раѓањето целосно сме ранливи и зависни од другите. Во текот на растењето учиме дека ранливоста не е посакувана. Меѓутоа, тоа е неодделив дел од нас и тоа воопшто не нè прави слаби. Токму спротивно, луѓето не гледаат на нашата ранливост како на лоша особина, како што ние често перципираме.

Тоа го докажаа и психолозите во својот научен труд објавен во списанието „Џурнал од персоналити анд сошал психолоџи“. Таквото сфаќање тие го нарекуваат „ефект на прекрасен хаос“ (the beautiful mess effect).

Научници од Универзитетот во Манхајм направиле седум истражувања во кои учествувале стотина лица.

Од учесниците било побарано да замислат ситуации во кои тие самите или нивните пријатели и познајници покажувале ранливост. Потоа морале на скала да ја оценат својата ранливост во замислените ситуации, како и ранливоста на другите лица. Секој пат, во неброено многу контексти, се покажувало дека учесниците гледаат многу понегативно на сопствената ранливост отколку на ранливоста на другите луѓе.

Споменатата група психолози сметаат дека тоа се случува поради таканаречената „теорија на  конструктивно порамнување“. Објаснето со јазикот на таа теорија, сопствената ранливост ја гледаме многу конкретно, додека за ранливоста на другите лица размислуваме на апстрактно ниво.

Иако негирањето на ранливоста можеби ни помогнало во текот на растењето, според мислењето на психолозите што го спровеле истражувањето, тоа може да ни наштети подоцна.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука