X
 23.08.2020 Наука

Коронавирусот може да преживее на пластични и метални површини. Но, дали тоа воопшто е важно?

Да, новиот коронавирус може да преживее на површини. Но, се чини дека тоа воопшто не игра никаква улога.

Минатата недела во Нов Зеланд повторно беа забележани заразени од Ковид-19. Првично се сметаше дека случаите се поврзани со замрзната храна, што го покрена прашањето: Дали може да се заразите со Ковид-19 од површина на која има вирус?

Додека експертите велат дека е невозможно целосно да се исклучи можноста некој да допре површина со вирус и да се зарази ненамерно, нема документирани случаи во реалниот живот.

На почетокот на пандемијата бришевме сè затоа што не бевме сигурни. Сега експертите велат дека не треба да бидеме загрижени, иако продолжуваат да охрабруваат добра хигиена на рацете.

- Во целина, иако е можно и не може да се исклучи, се чини дека е мала веројатноста со оглед на начинот на кој знаеме дека се пренесува вирусот - вели д-р Тод Б.Елерин, специјалист за заразни болести во болницата „Саут шор“ во Масачусетс.

Здравствените власти на Нов Зеланд ја отфрлија можноста дека повторното појавување на Ковид-19 е предизвикано од замрзната храна или друга пратка. За да направат тестови за вирусот на површините, научниците користеле брис сличен како кај луѓето. Потоа го ставиле примерокот низ истите машини што се користат за тестирање вируси кај луѓето.

Но, неизвесноста на научниците за пренесувањето на вирусот предизвика паника кај луѓето во врска со пакувањата, храната и другите површини и тие постојано се прашуваа дали на овој начин може да се заразат. На почетокот на пандемијата и научниците беа загрижени.

чистење
Фото: Freepik

Во јануари дваесетина случаи на Ковид-19 се сметало дека се поврзани со копчињата од лифт и славините од тоалетите во трговски центар во Кина. Сепак, истражувачите не биле во можност да кажат дали овој кластер е всушност предизвикан од површина.

Истражување објавено во списанието „Њу Ингланд журнал оф медисин“ предизвика дополнителна загриженост во врска со извештајот дека коронавирусот може да преживее на пластични и не'рѓосувачки челични површини до 72 часа. На почетокот од април грижите се зголемија кога истражување објавено во „Лансет“ откри дека вирусот е одржлив на стакло и по четири дена и на челик по неверојатни седум дена. Потоа, центрите за контрола и спречување болести издадоа упатства за тоа што да се пребришува, вклучувајќи и често допирани површини.

Но, додека луѓето ги дезинфицираа домовите и површините, некои експерти почнаа да се сомневаат во ова.

Емануел Голдман, професор по микробиологија, биохемија и молекуларна генетика на Медицинската школа при Универзитетот „Рутгер“ во Њу Џерси, вели дека овие рани студии што испитувале колку може да трае вирусот на површините, не се реалност. Тој вели дека научниците ставиле многу поголема количина од вирусот што некогаш сме виделе од едноставна кашлица или кивање.

- Според мене, можноста за пренесување преку нежива површина е многу мала и само во случаи кога заразеното лице кашла или кива на површината, а потоа друго лице ја допре таа површина (во рок од 1-2 часа) - вели тој.

Центарот за контрола и превенција на болести заедно со Светската здравствена организација соопштува дека досега инфекциите со Ковид-19 не биле директно поврзани со површини на кои го има вирусот. Како и да е, стојат нивните насоки за рутинско чистење и дезинфекција на површините што често се допираат.

Но, што со површините што не можат да се дезинфицираат, како замрзнатата храна? Ова прашање стана популарно на почетокот од јули, кога беше откриено дека увезени ракчиња во Кина биле загадени со вирусот. Иако надворешното пакување било тестирано и се покажало како позитивно на вирусот, внатрешното пакување и самите ракчиња биле негативни. Потоа, и во Нов Зеланд се јавија сомнежи дека човек кој допирал замрзнато месо се заразил со Ковид-19, но овие сомнежи биле отфрлени.

Иако истражувањата покажуваат дека коронавирусот може да трае подолго во постудени средини, предизвикувајќи загриженост во врска со неговата способност да се задржи на замрзната храна, експертите и понатаму велат дека нема место за грижи.

Д-р Бен Сингер, лекар-научник за белодробна и критична медицина на Северозападниот универзитет „Фејнберг“, вели дека станува збор за теоретска загриженост дека некој може да се зарази со Ковид-19 од замрзната храна.

Истото го тврди и Центарот за контрола и превенција на болести: - Нема докази за пренесување на Ковид-19 преку храна.

Според најновите истражувања, експертите препорачуваат неколку мерки за спречување на ширењето на Ковид-19: носење маски, следење протоколи за социјално дистанцирање и миење раце пред да јадете.

Извор: Abcnews.go.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука