X
 12.03.2020 Наша тема

Како кризата со коронавирусот ќе влијае врз македонската економија? Интервју со професор Владимир Филиповски

Очекувано е дека ќе има зголемени трошоци во здравствениот систем, трошоци за поединците, трошоци и за фирмите. Но, ваквите зголемени фискални расходи ќе значат и зголемување на фискалните дефицити. Но, не треба да се губи од вид дека на подолг рок, во иднина, тоа ќе бара и соодветна фискална консолидација, вели професорот од Економскиот факултет од Скопје

Светската економија несомнено трпи огромни штети поради пандемијата на коронавирсот. Светот е исправен пред огромен предизвик. Владимир Филиповски, редовен професор на Економскиот факултет при УКИМ, објаснува кои се најголемите проблеми со кои се соочува светската економија, какви ќе бидат последиците врз Македонија, но дава и свои препораки како полесно да се надминеме кризата.

- Нарушувањата во глобалните текови на извозот и увозот секако ќе влијаат и врз македонските фирми. Некои од главните трговски партнери на Македонија се земји што имаат големи проблеми со коронавирусот и со макроекономските перформанси - вели проф. д-р Филиповски.

Каков е Вашиот општ впечаток за последиците од коронавирусот врз светската економија? Економските експерти во светот веќе зборуваат за опасност од глобална рецесија. Што ќе значи ова за светот?

- Коронавирусот се појави како „црн лебед“ – економистите со овaа метафора укажуваат на некој редок, непредвидлив настан кој може да предизвика големи (негативни) последици.
Коронавирусот се појави во време кога почнаа да се наѕираат првите сигнали на рецесија во развиените економии, по една долга, но не многу силна економска експанзија, по рецесијата од 2007-2009 година. Заканата за рецесија повеќе се однесува за некои од водечките ЕУ-економии (Италија, Германија) отколку за САД. Во Кина, пак, се случува забавување на претходно спектакуларниот економски раст (понекогаш и со двоцифрени стапки на раст на БДП). Брегзитот и трговските војни помеѓу големите економии генерираат многу неизвесности за глобалната економија, што секако го зголемува ризикот од појава на рецесии во главните светски економии.
Коронавирусот генерално предизвика дисрупција, нарушувања во глобалните синџири на снабдување во бизнис-секторот, нарушувања во транспортот и во поширок круг на услужни дејности. Дури и самото нарушување на квалитетот на здравјето на луѓето е и економски проблем, бидејќи квалитетот на здравјето е компонента на квалитетот на човечкиот капитал.


Заканата за рецесија повеќе се однесува за некои од водечките ЕУ-економии

Од друга страна, директниот, моментален негативен ефект на коронавирусот е врз туризмот и транспортот (авиотранспорт, поморски, железнички), и генерално, врз услужни дејности (а услугите се значаен дел од модерните економии): на пример, кај некои услуги што подразбираат директни контакти помеѓу корисниците и давателите на услугите.
Иако невработеноста достигна релативно ниски нивоа (во САД дури и историски најниски нивоа), здравствената криза од коронавирусот донесе неизвесности во врска на идните перспективи на побарувачката за труд и за движењето на платите. Тоа, пак, може негативно да влијае врз потрошувачката на секторот на домаќинствата.

Какви се ефектите врз финансиските пазари – можен ли е некој нов крах на берзите?

- Финансиските пазари, берзите, доживеаја највидлив и најдиректен удар. Цените на акциите доживуваат падови, но она што е исто така важно - тие цени стануваат многу нестабилни, силно флуктуираат, што покажува дека неизвесноста е многу голема и процените за иднината на фирмите и пазарите се многу несигурни.
Деновиве се случи нешто што ретко се случува. На американските берзи дојде до привремен прекин на тргувањето, во моменти кога цените на акциите почнаа забрзано да паѓаат. Но, тоа е и пример дека финансиските пазари низ историјата на финансиски кризи научиле да користат механизми со кои се обидуваат да ги избегнат најлошите сценарија на берзански крахови.
Инвеститорите наместо во акции на фирми, бегаат во „сигурни“ државни хартии од вредност (обврзници), но тоа пак предизвикува цените на тие хартии да стануваат неодржливо високи. Златото, исто така, повторно добива на цена како инвестиција која е атрактивна во турбулентни економски времиња.

Светската економска сила Кина претрпе огромна штета. Но, на кој начин Македонија е погодена од сериозните последици што ги трпи кинеската економија?

- Кинеската економија е втора најголема економија според БДП во светот, со големо учество во светскиот извоз и увоз и меѓународните текови на капитал. Кинеската економија покажуваше знаци на одредено забавување и пред коронавирусот. Сега тоа забавување ќе биде поизразено. Но, ова ќе има и глобален негативен ефект.
Имено, забавувањето на кинеската економија ќе ја соочи глобалната економија со намалување на побарувачката за енергенти (нафта), за автомобили, за минерални суровини, за електрични уреди и сл. Исто така, можни се проблеми и во врска со кинеските добавувачи, кои испорачуваат производи и услуги за фирмите во другите земји.
Трговската војна меѓу САД и Кина (и со други развиени земји) дополнително ги комплицира тековите на извозот и увозот глобално и генерира неизвесности за глобалната економија.
Кина на сето ова може да одговори со дополнителни државни стимулации за економијата, но тоа исто така носи свои ризици на подолг рок, во смисла на висока задолженост на јавниот и на приватниот сектор.

Како кризата со коронавирусот засега влијае врз македонската економија? И може ли веќе да се лоцираат дејностите во Македонија што се во најголема опасност?

- Во Република Северна Македонија, појавата на коронавирусот коинцидира со подготовките за предвремените избори – тоа значи дополнителен извор на неизвесност во време кога изборите, сами за себе, се извор на неизвесност за економијата.
Оваа зголемена неизвесност може неповолно да влијае врз инвестициите во бизнис-секторот и врз потрошувачката на секторот на домаќинствата.
Тоа се одразува на пазарите на потрошни добра, со помалку панично купување на одредени производи, а од друга страна, се јавува пад на побарувачката за туристички и транспортни услуги.
Неизвесноста неповолно влијае врз стабилноста на цените на акциите и врз рационалноста во вреднувањето на акциите на македонските компании. Берзанскиот индекс последниве денови покажува големи осцилации, со значајни падови и порасти, но краткорочниот тренд е опаѓачки.
Нарушувањата во глобалните текови на извозот и увозот секако ќе влијаат и врз македонските фирми. Некои од главните трговски партнери на Македонија се земји што имаат големи проблеми со коронавирусот и со макроекономските перформанси.
Исто така, нарушувањата на меѓународните текови на капитал можат да влијаат врз приливот на странски капитал во нашата земја.


Проф д-р Владимир Филиповски

Кои се Вашите стручни препораки до институциите, како може да се заштитиме за да не ни се случи економска дестабилизација?

- Доколку коронавирусот предизвика значајни негативни ефекти во смисла на забавување и опаѓање на економската активност во нашата земја, македонската држава ќе мора на некој начин да интервенира. Од аспект на економските политики на државата, ова во основа е вонредна состојба, макроекономски шок. Затоа и евентуалните мерки ќе бидат од вонреден карактер. Некои земји веќе објавуваат планови за фискални мерки за справување со моменталните ефекти на коронавирусот.

Доколку и во Македонија бидат потребни некои фискални интервенции како поддршка на домаќинствата или бизнисите (субвенции, финансиска помош, одложување на даночните обврски), тие мора да бидат прецизно таргетирани и селектирани кон најпогодените сектори и лица. Очекувано е дека ќе има зголемени трошоци во здравствениот систем, трошоци за поединците, трошоци и за фирмите. Но, ваквите зголемени фискални расходи ќе значат и зголемување на фискалните дефицити. Во ваква ситуација, тоа може да биде оправдано, но не треба да се губи од вид дека на подолг рок, во иднина, тоа ќе бара и соодветна фискална консолидација. Монетарната политика на Народна банка можеби има ограничен простор за намалување на каматната стапка или други мерки за порелаксирана политика, но и таа политика дејствува во рамките на цврстите ограничувања кои ги наметнува одржувањето на фиксниот девизен курс. Со други зборови, кризата со коронавирусот можеби ќе бара вонредни расходи од државната каса, но секогаш треба да се има предвид дека трошењето на државните пари и ресурси треба да биде дисциплинирано, транспарентно и одговорно.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема