Европската агенција за лекови (ЕМА) го повтори својот повик до граѓаните да се вакцинираат, а потоа да примат и бустер-доза како заштита од моментално доминантниот делта-сој на коронавирус.
- Бустер-дозата ќе игра важна улога во стратегијата за вакцинација бидејќи првите теренски податоци покажуваат дека засилените дози на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“, добиени по шест месеци од примарната вакцинација, кај возрасните ја враќаат заштитата од инфекција и моментално доминантната делта-варијанта - рече д-р Марко Кавалери од ЕМА.
На редовната прес-конференција за медиумите од ЕМА наведуваат дека со приближувањето на зимата се зголемува бројот на заболени и хоспитализирани во речиси сите земји-членки, а повеќето пациенти на интензивна нега се невакцинирани.
- Сакаме да ја повториме неопходноста од вакцинација, но и бустер-дозата. Од витално значење е да продолжиме со процесот на вакцинација, особено во земјите со помал процент на вакцинирани - додаде Кавалери.
Тој повтори дека препораките на ЕМИ се да се вклучи бустер-доза за вакцините
„Фајзер“ и „Модерна“ по шест месеци од примањето на втората доза, но и укажува на флексибилност во случај на скратување на интервалот помеѓу втората и третата доза од вакцината.
Од ЕМА нагласуваат дека сè уште немаат доволно информации кога станува збор за препорака за можна бустер-доза за вакцината „Џонсон и Џонсон“, која вообичаено се прима во една доза.
Кога станува збор за употребата на различни вакцини во примарната вакцинација и засилувачките дози, ЕМА вели дека истражувањето засновано на специфични имунолошки одговори од теренот ја поддржува оваа стратегија за вакцинација.
Ова прашање, како и за потребниот интервал помеѓу примарната вакцинација и бустер-дозите при мешање на вакцините, се очекува да биде објавено до крајот на ноември.
Извор:
B92.net
Фото: Freepik