Нема животна мудрост што не сме ја научиле во скутот на баба и дедо. Секоја поговорка, убав збор и приказна првпат сме ги чуле од нив. Факултети.мк преку рубриката „Студентски мемоари“ реши да ја вклучи временската машина за да дознаеме како се образовале тие. Се враќаме назад во времето. Се враќаме во младоста на бабите и дедовците.
Студирав во минатиот век. На Белградскиот универзитет се запишав во 1961 година, се сеќавам, по Конференцијата на неврзаните. Белград, за мене, тогаш беше прозорец кон светот, се присетува на студентските денови битолчанецот Борис Ангелков, еден од првите дипломирани ветеринарни лекари во Пелагонија, а подоцна и професор на Високата земјоделска школа и на Факултетот за биотехнички науки во Битола.
- Во тие години немаше ветеринарен факултет во Македонија. Поради скапотијата, морав да побарам стипендија. Успеав да добијам прво од Општината, а потоа, бидејќи ветеринарите беа дефицитарен кадар, презеде да ме стипендира ЗК „Пелагонија“. Така имав обврска по дипломирањето да се вратам на работа кај нив - раскажува Ангелков.
Половина од матурантите од ветерина во Битола се запишале на студии во Белград
Студирал на Факултет основан во 1936 година, со броен и квалитетен професорски кадар. Имал среќа да му предаваат четири академици од Југословенската академија на науките. Добар дел од професорите од кои учел биле познати на европско ниво, со меѓународни постигнувања од областа на науката. Му оставиле силен впечаток, оформени како личности, врвни интелектуалци, а не само експерти во струката. Но, и студентите од Македонија им оставале голем впечаток ним.
- Ние бевме генерација од 26 матуранти од Средното ветеринарно училиште во Битола кои таа учебна 1961 година се запишавме на ветерина во Белград. Матуриравме во јуни и од педесетина матуранти, половината се запишавме на белградскиот Ветеринарен факултет. Нѐ викаа македонска ударна бригада оти кога излегувавме на испити, бевме добро подготвени, остававме силен впечаток кај професорите, но и кај студентите, кои ги имаше од цела Југославија. Многу се учеше, а со минимални услови. Немавме некоја опрема, електронски микроскоп првпат видовме на крајот на студирањето. Но, теоретски многу учевме, а и пракса имавме многу. Со автобус нѐ носеа на вежби секоја недела по ветеринарни станици и ни даваа практично да работиме - додава професорот.
Ако не се земеа испитите навреме, се губеше стипендијата. „Се враќаш дома како неуспешен проектил, лансиран добро, но без завршена мисија.“ За пет години го завршил факултетот. Положил 40 предмети. Ноќе учел до два часот по полноќ, а наутро од 7:30 му почнувале предавањата и вежбите.
Дополнително следел предавања по француски јазик
Проблем во тоа време бил недостигот на учебници. Оние што знаеле странски јазици можеле да се снајдат со странска литература од библиотеките. Меѓу малкутемина што владееле друг јазик бил и Борис, голем вљубеник во францускиот јазик, што не е чудно зашто доаѓа од Битола каде што со години наназад се негувала традицијата на изучување француски.
- Немав обврска да го следам францускиот јазик на факултетот, не се бараше тоа од мене, но знаев дека на универзитетот имаше лектори по француски, германски и по англиски. Ги следев предавањата кај една Французинка омажена за Србин. Таа не го знаеше српскиот јазик и разговаравме само на француски. Конверзацијата ја совладав во тие пет години. Познавањето на јазикот ми овозможи во подоцнежната кариера да постигнам успеси со меѓународни проекти со Франција, Белгија, Швајцарија. Да одам на студентка пракса преку размена на студенти во Белгија, па на два семинари во Швајцарија - се присетува Ангелков.
- И на Коларчев универзитет посетував француски јазик. Издвојував пари од студентската стипендија за да учам француски. Тоа беше како народен универзитет. Многу јавни дискусии се водеа таму и тие многу влијаеја врз градењето на моралот, врз моето однесување, културата, смислата за колективно живеење, емпатијата. Доаѓаа видни луѓе од дипломатијата, политиката, медицината. Да слушаш еден Фила Филота беше доживување и патриотско чувство што еден битолчанец е на такво врвно место во адвокатурата. Но, имаше и поинакви примери. Слободан Милошевиќ, кој неславно заврши, е од мојата генерација, го слушав на студентски дискусии како националистички настапуваше, па Добрица Ќосиќ - вели Ангелков.
Го продавал студентското бонче за да купи книга
Магистрирал и докторирал на Ветеринарниот факултет во Загреб. Студирајќи во метрополите Белград и Загреб, имал можност за културно издигнување. Издвојувал од стипендијата за да ги следи оперските премиери, макар и на последниот кат каде што оделе студентите зашто цените на тие билети биле најниски. Не му пречело и простум да стои ако немало столче, да ги гледа врвните европски остварувања што гостувале. Целиот живот го следела љубовта кон книгата. Знаел да го продаде и бончето од студентската менза за да купи книга. Денес има библиотека со 5.500 книги.
- Љубовта кон книгата е од врвните професори што ги имав по македонски јазик, почнувајќи од Филип Каваев, собирач на народни умотворби, до академик Владимир Костов, на кој, за наша среќа, првото вработување му беше во Ветеринарното средно школо во Битола. Имав можност четири години да ги следам неговите предавања и да се воодушевувам на прекрасниот баритон што го имаше и привлечноста како ги поимаше книжевните вредности - вели Ангелов.
Можел да биде асистент во Белград, но од патриотизам се вратил дома
По завршувањето на студиите, иако имал можност да остане како асистент на Факултетот во Белград, се вратил во родниот крај. Тоа го сторил поради локал патриотизмот.
- Не само што сум вљубеник во Битола туку мислам и дека каменот лежи на местото. Камен што се тркала, место не фаќа. Кариера, според мене, е да го научиш занаетот насекаде низ светот, а да го примениш дома - вели тој.
Имал можност да посети 40 ветеринарни факултети низ светот. Со иронија додава дека побогати сме од Американците зашто ни таму нема два факултета за иста струка на оддалеченост од 200 километри.
- Наместо да се премести факултетот од Скопје во лежиштето во Пелагонија, се поделија студентите меѓу двата факултети во Скопје и во Битола и сега немаат ни по 15 студенти, тоа е национална трагедија - вели Борис.
Тоа што за Андриќ е „Мостот на Дрина“, за него е фармата во Радобор
Ако животно дело на Иво Андриќ е „Мостот на Дрина“, за Борис тоа е фармата за крави во Радобор, која ја основал по враќањето од факултетот, каде што се вработиле сто луѓе. Основал и други фарми во рамките на Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Жали што во поново време некој бизнисмен дозволил да се уништи онаа во Радобор. Автор е на 230 труда и реализирани проекти, голем дел меѓународни и виосокоапликативни. 28 години беше редовен професор на Универзитетот во Битола, во два мандата претседател на Научното друштво - Битола. Автор е на стотина елаборати за безбедност на храна. Иако 15 години е пензиониран, тој е неуморен. Води Центар за обука за безбедност при храна и нутриционизам каде што предаваат над 80 експерти од девет земји. Во моментот пишува книга за историјата на ветеринарната струка во Македонија, со посебен осврт на Пелагонија.
Фото: приватна архива