X
 23.08.2024 Наука

Како стресот го оштетува нашето тело и го зголемува ризикот од срцев удар за 97 отсто?

Сите знаеме какво е чувството кога сме под стрес. Дланките ни се потат, умот се забрзува и можеби сме принудени да одиме во тоалет пред голем состанок.

Сепак, она за што многумина од нас не се свесни е како стресот може да предизвика хаос во нашето тело.

Едно ново истражување покажа дека стресот може да го оштети срцето и да го зголеми ризикот од срцеви заболувања.

Кога ќе погледнете колку луѓе доживуваат стрес на работа, ова е огромен проблем. Еве неколку начини на кои стресот предизвикува хаос на вашето тело:

Срце

Стресот на работа може да го удвои ризикот од развој на потенцијално фатално неправилно чукање на срцето. Научниците од Универзитетот „Лавал“ во Квебек, Канада, открија дека луѓето што се справуваат со тешки оптоварувања и не уживаат во својата работа имаат поголема веројатност да развијат атријална фибрилација, односно абнормален срцев ритам (аритмија) кој се одликува со исклучително брза активност на срцевите преткомори.

Овие фактори беа поврзани со 97 отсто поголем ризик за развој на атријална фибрилација во споредба со работниците што не биле изложени на стрес.

Мозок

Очигледно е дека стресот во секоја средина може да влијае врз мозокот. Всушност, едно британско истражување покажа дека работните места со висок стрес им предизвикуваат двојно поголеми шанси за тешка депресија на младите работници.

Околу еден од шест Британци страда од депресија, а жените имаат двојно поголема веројатност да имаат проблеми со менталното здравје. Тоа е најчестиот проблем со менталното здравје кај постарите луѓе, со околу 22 отсто од мажите и 28 отсто од жените на возраст од 65 или повеќе години.

Научниците од Кралскиот колеџ во Лондон открија значително зголемување на случаите на големо депресивно растројство кај луѓето што вршат многу тешки работи, при што страдаат 14 отсто од жените и 10 отсто од мажите.

Плодност

Стресот на работа не само што го расипува вашето расположение, туку може да влијае и врз вашата способност да имате деца. Постојат многу истражувања кои се занимаваат со тоа дали стресот може да влијае врз плодноста.

Истражување од 2014 година открило дека жените што пријавиле дека се чувствуваат „под голем стрес“ имале 29 отсто помали шанси да забременат од оние што биле под помал стрес.

Научниците од Универзитетот во Охајо истакнаа дека стресот ја нарушува овулацијата кај жените и влијае врз квалитетот на спермата кај мажите, што потенцијално го отежнува зачнувањето.

Хормоните што се ослободуваат при стрес, како што е кортизолот, може да го попречат репродуктивниот систем.

Имунитет


Дали некогаш сте забележале дека стресната недела на работа се совпаѓа со настинката? Излегува дека стресот може да ве направи поподложни на болести.

Истражување од Универзитетот во Висконсин-Медисон покажало дека хроничниот стрес може да ја поткопа вашата имунолошка одбрана.

Тоа е така затоа што кога сте под стрес, вашето тело ослободува кортизол - кој во мали дози може да помогне во управувањето со стресот. Меѓутоа, кога стресот станува долгорочен проблем, овие покачени нивоа на кортизол можат да ја потиснат ефикасноста на имунолошкиот систем. Ова значи дека способноста на вашето тело да се бори против инфекции е загрозена, што ве прави посклони кон настинки, грип или посериозни болести.

Извор: Klix.ba
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука