X
 23.09.2021 Образование

На УКЛО ќе се реализира стручна обука „Развивање меки и тврди вештини кај младите луѓе“

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, во соработка со  Универзитетската агенција за франкофонија (AUF), чија членка е од 2018 година, во текот на октомври и ноември 2021 година ќе реализира стручна обука на тема: „Развивање меки и тврди вештини кај младите луѓе“.

Координаторката на проектот, доц. д-р Милена Касапоска-Чадловска од Правниот факултет-Кичево е меѓу обучувачите, во чиј состав се вклучени и вонр. проф. д-р Мимоза Богданоска-Јовановска, Факултет за информациски и комуникациски технологии - Битола, вонреден проф. д-р Силвана Нешковска, Педагошки факултет- Битола, доц. д-р Лела Ивановска, Факултет за информациски и комуникациски технологии - Битола и Џули Маравал, аташе за соработка од Амбасадата на Франција - Скопје. Ова беше повод за интервју со координаторката на проектот, доц. д-р Милена Касапоска-Чадловска.

Која е оправданоста на обуката за развивање меки и тврди вештини кај младите луѓе?


На почетокот дозволете да објаснам дека покрај стручниот дел од обуката, кој опфаќа 49 часа, односно 7 работни дена, проектот вклучува и курс за нивелирање на познавањата по француски јазик, во времетраење од 10 дена. Курсот што ѝ претходи на обуката започна на 15 септември и ќе се одржува онлајн до 30 септември 2021 година. Би сакала да напоменам дека јазичниот курс се впишува во низата настани со кои се одбележува 60-годишнината од основањето на Универзитетската агенција за франкофонија.

Стручниот дел на обуката ќе се одвива на македонски јазик и на француски јазик, исто така онлајн, во периодот од 4 до 7 ноември 2021, а дел од темите што ќе бидат опфатени се: развивање креативност и критичко мислење, развивање вештини за менаџирање на времето, креирање презентација, развивање вештини за усно и писмено изразување, етапи при барање работа: од составување професионална биографија до интервју за работа и сл.

Потребата да се предложи стручна обука која ќе опфати дел од таканаречените „меки“ и „тврди“ вештини произлезе од свесноста дека постои јаз меѓу содржинската понуда на формалното образование кое го добиваат студентите и вештините што се бараат од нив на работното место, односно во професионалната средина. Поконкретно, формалното образование им нуди солидна наобразба на студентите во одредени домени (право, економија, информатика, странски јазици итн.), но работодавците и, воопшто, работната средина, бараат од кандидатите да поседуваат еден цел спектар на практични компетенции и вештини за да можат успешно да ги извршуваат нивните професионални задачи. Некои од неопходните тврди и меки вештини се вклучени во наставните програми, но во незадоволителен обем поради што студентите немаат јасна претстава за вештините кои би требало да ги поседуваат со цел полесно да најдат работа и успешно да се адаптираат во професионалниот свет.

1

Која е целта на обуката?

Основната цел на проектот е да се зголеми вработливоста кај младите луѓе на возраст од 20 до 30 години кои се вклучени во процесот на универзитетско образование (додипломски и последипломски студии на УКЛО) и да се зајакнат нивните капацитети и компетенции преку усвојување меки и тврди вештини. Во рамките на реализацијата на проектот (обуките) учесниците би се стекнале со знаења и со вештини поврзани со начините на изработка на квалитетна презентација, менаџирање на времето и техники за менаџирање на времето, донесување одлуки по СМАРТ-методологија, техники за успех при учество на интервју за работа, креативност и критичко мислење и сл. Другата цел на овој проект е да се поттикне изучувањето на деловниот француски јазик, на интересен, интерактивен начин. Познавањето на овој светски јазик е додадена вредност и адут за секој млад човек кој планира да гради успешна меѓународна професионална кариера.

Може ли да ни кажете кои се целни групи на обуката?

Целна група се млади луѓе на возраст од 20 до 30 години, во прв план студенти од прв и втор циклус на студии на факултетите при УКЛО кои во наредниот период од 2-3 години би се појавиле на пазарот на труд со комплетирано високо образование.

Се планира во обуката да се вклучат 30 студенти од различни градови од југозападниот дел на државата (Битола, Прилеп, Ресен, Охрид, Демир Хисар). Главно, станува збор за студенти-франкофони кои имаат основни познавања од францускиот јазик. Се очекува студентите да бидат од различни профили (информатичари, правници, наставници, медицинари, економисти итн.), во различна година од студирањето.

Секој сериозен проект вклучува и партнери, а во Вашиот случај и лица вклучени во проектот.


Носител на проектот е Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, додека партнер во проектот е граѓанската организација Центар за локални иницијативи – Битола (ЦЛИ – Битола) чиј фокус е неформалното образование преку обуки.

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, како носител, ги обезбедува предавачите и целната група. Имено, четворица од предавачите се дел од академскиот кадар на УКЛО, додека франкофонскиот предавач е ангажиран преку француската амбасада од Скопје, со која УКЛО има долгогодишна успешна соработка.
Основната причина поради која граѓанската организација ЦЛИ - Битола е вклучена во проектот е можноста која им ја нуди на студентите да се вклучат во нејзините активности, да следат и други обуки, да реализираат практична работа преку вклучување во реализација на проекти, да се вклучат во административна работа, во волонтерски активности, како и заради потенцијалната можност за нивно вработување.

2

Каков импакт очекувате од обуката, за студентите и за Универзитетот?

Обучувањето на студентите со меки и тврди вештини директно ќе влијае на позиционирањето на студентите на пазарот на труд. Се очекува дека вака едуцираните високообразовани кадри ќе бидат подготвени да ги покажат своите квалитети пред работодавците и со тоа побрзо да го најдат своето место во компаниите. Дополнително, преку курсот за нивелирање на познавањата по француски јазик студентите ќе ги зголемат јазичните компетенции и ќе го зацврстат нивото на познавање на овој странски јазик, што претставува огромна додадена вредност при градење успешна (професионална) кариера.

Успешната реализација на проектот ќе претставува голема придобивка и за УКЛО бидејќи  неговите алумни ќе бидат збогатени со успешни приказни од студенти кои се вработиле и имаат свој кариерен развој. Нивниот успех ќе биде показател за квалитетното универзитетско образование со кое се здобиле, но и за квалитетот на ваквите обуки кои не се составен дел на нивните академски програми, но кои редовно се организираат благодарение на членството на УКЛО во меѓународните универзитетски мрежи како што е Универзитетската агенција за франкофонија (AUF).

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование