X
 27.10.2023 Образование

УКЛО учесник на меѓународна летна школа „Безбедност на храна и здрав живот“ во Словенија

Факултетот за Биотехнички науки, единица на УКЛО, како единствен претставник од Македонија беше учесник нa Меѓународната летна школа “Food Safety for Healthy Living што се одржа на Биотехничкиот факултет при Универзитетот во Љубљана, Словенија.

На летната школа „Безбедност на храна и здрав живот“ што се остварува во соработка со партнери од 14 универзитети од осум земји, учество зедоа студентите: Седеф Бахтијар и Кристијан Велјановски од насоката Квалитет и безбедност на храна.

- Првпат учествував на Летна школа и беше прекрасно искуство бидејќи освен што имав можност да запознавам една прекрасна земја и култура, се запознав и со нови колеги од цела Европа, со кои во иднина се надевам дека ќе соработуваме, и го развив моето знаење во оваа струка учејќи од професионалци и искусни професори - вели Седеф Бахтијар. Сигурна сум дека во иднина нема да пропуштам ниедна ваква шанса поради тоа што пред Летната школа, иако се двоумев за професијата што ја одбрав, се пронајдов себеси во неа! И затоа голема благодарност до најдобрата професорка, проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска, која ни обезбеди ваква можност.

Кристијан Велјановски, кој има поголемо искуство со вакви учества, вели: „Ваквите летни школи и собири се навистина важни бидејќи се зборува, учи и истражува за храната, нејзината безбедност. Врвни професори од целиот свет го споделија своето знаење и истражување и навистина е многу добро да се види како се одвива заштита на храна надвор од својата држава“.

Инаку, студентите од УКЛО беа дел од теоретските предавања и лабораториските вежби во рамките на предвидената програма со вклучени презентации од еминентни професори од универзитети од Романија, Португалија, Полска, Србија, Албанија и Словенија. Летната школа беше организирана во рамките на Ceepus Network RO-1111-07-2223 - Food Safety for Healthy Living, во која Факултетот за биотехнички науки – Битола е долгогодишен партнер и локален координатор е проф. д-р Дијана Блажековиќ-Димовска.

1

Таа истакнува: „Квалитетот и безбедноста на храната како еден посебен аспект од производството на храна сè повеќе се актуализира последнава деценија поради фактот што е во тесна корелација со здравјето на популацијата. Оттука, сведоци сме на постојани промовирања на оваа проблематика, преку различни меѓународни настани, работилници, форуми, семинари, конференции и сл. каде што се почитуваат постулатите и директивите на FAO (Food and Agriculture Organization) и WHO (World Health Organization) и каде што експертите од светот ги презентираат најновите сознанија и истражувања за влијанието на храната/исхраната врз здравјето и долговечноста на луѓето. Оваа тематика е длабоко навлезена и во студиските програми на факултетите низ Европа и светот, па така и Факултетот за биотехнички науки - Битола повеќе од десетина години успешно ја спроведува студиската програма за квалитет и безбедност на храна за која секоја година има сè поголем интерес меѓу младите луѓе кои решаваат да се занимаваат со оваа благородна професија. Производството на храна е сектор што никогаш нема да згасне, туку напротив, со зголемувањето на бројот на жители на планетата Земја, зголемувањето на побарувачката за храна и постојаната потрага по нови алтернативни извори за храна, оваа професија и тоа како ќе биде перспективна и актуелна во иднина. Преку оваа мрежа, трета година по ред се организира Меѓународна летна школа “Food Safety and Healthy Living”, каде што учество земаат предавачи од сите партнерски институции, а студентите имаат можност да се стекнат со одлични знаења и практики од оваа проблематика. Јас, освен како предавач, сум и член на меѓународниот научен одбор, како единствен претставник од УКЛО и Македонија воопшто. Навистина е задоволство да се биде во кругот на врвни експерти од едни од најпрестижните факултети во Европа, со кои веќе изградивме цврста мрежа која се темели на здрави основи и која полека, но сигурно започнува со своите активности да се шири и во другите партнерски институции.

Воедно, учесниците на летната школа беа поделени во четири работни групи, односно: БХТ (биотехнологија) кои имаа задача да ферментираат спирулина, МБ (микробиологија) кои имаа задача да испитаат дали спирулината е безбедна за консумација, ТЕЦХ (технологија) каде што студентите подготвија кондиторски производи со додаток на спирулина и СЕНС (сензорна анализа) каде што се вршеше сензорна анализа на финалниот производ. Секоја група подготви видео и презентација за извршената работа, при што претставниците од УКЛО успешно ја презентираа работата на својата група. Исто така, Кристијан и Седеф зедоа учество на интернационалната вечер каде што имаа можност да споделат дел од традиционалните вредности на својата земја.

Во рамките на програмата од летната школа реализирани се посети на значајни прехранбени капацитети во Словенија, меѓу кои и винарницата „Винакопер“ во Копер со можност да дегустираат едни од најквалитетните вина, направени по рецепти со долгогодишна традиција.

Меѓународната летна школа “Food Safety for Healthy Living” се одржа во периодот од 15 до 23 септември 2023 година на Биотехничкиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

(Комерцијална објава)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование