X
 23.09.2022 Наука

Македонски научници освоија прво место на конференција за вештачка интелигенција

Македонски научници се дел од тимот што освои прва награда на престижната меѓународна конференција Ubicomp во Англија. За време на водечката меѓународна конференција за паметни технологии и уреди – Ubicomp и ISWC 2022 во Англија, македонскиот тим на научници и инженери заедно со своите англиски колеги од Emteq Labs доби прва награда за најдобра демострација на иновативна технологија – паметните очила OCOSense.

-Победничката демонстрација покажува паметни очила кои преку иновативни сензори и вештачка интелигенција ги препознаваат изразите на лицето, а преку тоа даваат информации за емоционалната состојба и однесувањето на корисникот што ги носи - објаснуваат учесниците на меѓународна конференција.

Извршниот директор и водечки научник во Emteq Labs, д-р Чарлс Ндука, објаснува дека оваа технологија е првата платформа за препознавање изрази на лицето, човечки активности и однесување во светот.

-Познат како „Fitbit за чувства“, OCOSense наскоро ќе бидат достапни за сите истражувачи. Многу корисници ќе имаат корист од можноста за следење на далечина на домашен третман или медицинска терапија, вклучувајќи ги луѓето со депресија, Паркинсонова болест, парализа на лицето, и други слични состојби - вели д-р Ндука.

Македонскиот тим на научници и инженери што ги создаваат наградените алгоритми за вештачка интелигенција во Emteq Labs го сочинуваат: д-р Христијан Ѓорески, д-р Мартин Ѓорески, м-р Ивана Кипријановска, м-р Симон Станковски, Филип Панчевски, и Бојан Софрониевски.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука