X
 23.10.2022 Живот

Не станува збор за слабост: Зошто е добро да плачете кога ви е тешко?

Плачењето е природен човечки одговор на низа емоции, вклучувајќи тага, радост, жалење и фрустрација. Истражување спроведено во САД покажало дека жените таму плачат во просек 3,5 пати месечно, а мажите 1,9 пати месечно.

Плачењето често се гледа како знак на слабост, но не станува збор за тоа. Емоционалното плачење е однесување карактеристично за луѓето и може да се смета за чекор напред во еволуцијата, т.е. последица на подлабока поврзаност со тагата и жалењето.

Сепак, плачењето често има лоша репутација и дури се смета за непријатно однесување поврзано со губење на самоконтролата. Дел од таа негативна слика е последица на плачење во детството, кога тоа навистина е поврзано со гнев и емоционална инконтиненција.

Постојат и сексистички конотации. Плачењето се опишува како „женско“ и „непожелно“ однесување бидејќи подразбира слабост или емоционална кршливост. Но, вистината е дека плачењето може да се поврзе со длабока емпатија, меѓусебна поврзаност и автентични чувства. Луѓето плачат кога ја гледаат туѓата болка, кога минуваат низ тажни и тешки ситуации, кога треба да ослободат голема акумулација на скриена или потисната тага...

Плачењето може да обезбеди клучна катарза и пат кон заздравување и движење напред по некоја траума. Ако моменталната ситуација ве натера да плачете, направете го тоа. Не воздржувајте се. Подолу ги одбравме сите добри работи што може да ви ги донесе плачењето.

1. Плачењето е смирувачко

Плачењето може да му помогне на човекот да ги регулира сопствените емоции, да се смири и барем малку да ја намали тагата. Студија од 2014 година покажа дека плачењето може да има директен, смирувачки ефект врз луѓето. Докажано е дека плачењето го активира парасимпатичкиот нервен систем, кој им помага на луѓето да се релаксираат.

2. Поддршка од другите


Плачењето може да му помогне на човекот да добие поддршка од околината бидејќи, како што покажа студија од 2016 година, плачењето ги зближува луѓето.

3. Плачењето помага во ублажување на болката

Покрај тоа што се смируваме, плачењето ослободува окситоцин и ендорфин, кои им помагаат на луѓето да се чувствуваат добро и може да ги олеснат физичката и емоционалната болка. На овој начин, плачењето може да помогне да се намали болката и да се зголеми чувството на благосостојба.

placenje
Фото: Freepik

4. Плачењето го подобрува расположението

Плачењето може да им помогне на луѓето да го подигнат расположението и да се чувствуваат подобро. Освен што ја ублажуваат болката, окситоцинот и ендорфините можат да помогнат во подобрувањето на расположението.

5. Плачењето ослободува токсини и го ублажува стресот

Кога плачењето е одговор на стресот, солзите содржат многу стрес-хормони и други хемикалии. Истражувачите веруваат дека плачењето може да го намали нивото на овие хормони во телото, што пак може да го намали стресот. Сепак, потребни се повеќе истражувања во оваа област за да се потврди ова.

6. Плачењето ви помага да заспиете

Една мала студија спроведена во 2015 година покажа дека плачењето може да им помогне на бебињата да спијат подобро. Кога станува збор за возрасните, потребни се дополнителни истражувања.

Меѓутоа, ако се земе предвид дека плачењето смирува, го подобрува расположението и ја ублажува болката,  можно е да му помогне на човекот полесно да заспие.

7. Плачењето ги убива бактериите

Плачењето помага да се убијат бактериите и да се одржуваат очите чисти бидејќи солзите содржат течност наречена лизозим. Студија спроведена во 2011 година покажа дека лизозимот има толку силни антимикробни својства што дури може да помогне да се намалат ризиците од биотерористичките агенси како што е антракс.

8. Плачењето го подобрува видот

Базалните солзи, кои се ослободуваат секојпат кога лицето ќе трепне, помагаат во одржувањето на влажноста на очите и спречување сушење на слузницата. Подмачкувачкиот ефект на базалните солзи им помага на луѓето да гледаат појасно. Кога мембраните ќе се исушат, видот може да стане заматен.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот