X
 23.10.2023 Живот

Филип Петровски, основач на Дата Мастерс: „Ние сме тим кој константно сака да се движи напред и да изгради приказна која ќе биде светска“

Според мене, во следните пет години очекуваме многукратно поголем интерес, поголема свесност и храброст да се инвестира во оваа насока, посочува Филип Петровски, основач на првата консултантска Data Science компанија во Македонија

Првата консултантска Data Science компанија во Македонија со 100% македонски капитал, Дата Мастерс, слави пет години од основањето. Дата Мастерс е прва компанија која е специјализирана во областите Data Science и Business Intelligence во земјава и се залага за враќање на квалитетните кадри што заминале во странство назад во земјава. Изминативе пет години успеа да ја подигне свесноста за значењето на податоците во секојдневното работење на компаниите. Идејата на Филип Петровски во 2018 година се претвори во успешна интернационална приказна.
Со Петровски разговараме за најголемите предизвици и успеси изминативе години, за прогресот што го бележат, за свесноста на компаниите и, секако, за следните нивни аспирации.

Славите јубилеј, 5 години од основањето на Дата Мастерс, првата специјализирана компанија за консалтинг и имплементација на решенија во областа на вештачката интелигенција и напредна аналитика во Македонија. Кои се најголемите предизвици и успеси во овие 5 години?

Врз еволуцијата и развојот на Дата Мастерс влијаеја повеќе различни фактори. Некои од нив едноставно беа ситуации на кои моравме да се приспособиме. Уште од првиот ден поставивме некои клучни вредности кои и ден-денес се темел на нашите успеси, успеавме да вратиме во Македонија сериозни професионалци што работеа во странство и поставивме тим кој има капацитет и е конкурентен и на домашниот и на интернационалниот пазар. Почнувањето компанија за консалтинг и имплементација на решенија во областа на вештачката интелигенција и напредна аналитика не значеше само развој на компанијата, туку и развој на пазар, креирање свесност и потреба за вакви услуги на пазарот во време кога за Data Science и Advanced Analytics многу малку се зборуваше.
Уште еден момент кој е многу важен за еволуцијата на компанијата, а воедно и го сметам за еден од најголемите успеси е методологијата и tailor-made пристапот на Дата Мастерс при изработка на решенијата, наспроти нудење продукт, што е навидум контраинтуитивно за македонскиот пазар. Но, во последните три години токму оваа методологија ни овозможи да се позиционираме како партнер на неколку големи европски компании и повеќе маркет-лидери во Македонија. Успеавме да се прошириме како македонски бренд надвор од границите на Балканот, и тоа со целосно македонски менаџмент и капитал, потпишувајќи директен договор за соработка со една од топ-10 светски осигурителни компании.



Како Вашата компанија го помага бизнисот на клиентите со вештачка интелигенција?


Дата Мастерс во моментов нуди решенија со кои компаниите можат да ја подобрат ефикасноста на носење одлуки на сите нивоа на менаџмент, со цел тие да се носат со користење податоци, а не да бидат базирани на емотивната состојба на менаџментот. Науката тргнува од тоа дека компаниите, спознавајќи се себеси преку сопствените податоци, стануваат поконкурентни на пазарот и можат да учат од сопствените одлуки. Дата Мастерс на партнерите компании им помага во процесот на воведување на таканаречена „демократизација“ на податоците, поточно давање пристап на податоците до сите менаџери и аналитичари. Целта е активно користење на податоците во процесот на носење одлуки, методологија наречена self-service аналитика.
Self-service аналитиката, всушност, ги менува пристапот и размислувањата на вработените во однос на податоците и не претставува само техничко решение, туку е процес во кој организацијата треба правилно да ги менаџира промените, некогаш и да направи промена во организациската структура, како и да се фокусира на правилна и соодветна едукација на вработените.

Вашата цел е масовна имплементација на Data Science во секоја пора од македонската бизнис-сфера. Со кое темпо се реализира Вашата стратегија?

Ако зборувам за нашата локална мисија, можам да кажам дека сме прилично задоволни од постигнатите резултати во изминатите три години, откако првите компании ни дадоа шанса и се одлучија за храбар потег да инвестираат во својот развој. Во моментов соработуваме со маркет-лидери во повеќе различни области, го имплементираме нашето знаење и искуство и придонесуваме за успехот на секој партнер. За жал, темпото не е брзо бидејќи оваа област не е евтина и дејствуваме во услови на застарени оперативни решенија. Иако аналитиката ја носи онаа стратешка нишка и конкурентска предност, сѐ уште не се смета за примарна стратешка инвестиција. Од друга страна, самата имплементација и менаџирањето на промените (change management) кои ги правиме не се брз процес, па затоа и не можеме да очекуваме резултати преку ноќ. Како и да е, среќни сме што соработуваме со менаџери и сопственици на компании кои се свесни дека тоа што го нудиме овозможува огромен бенефит и ја разбираат важноста на самата трансформација.



На кој начин ги зголемувате Вашите капацитети на знаење?

Oд 2019 година Дата Мастерс активно работи и ги следи сите трендови во делот на предиктивна анализа и вештачка интелигенција. Во компанијата имаме активен тим што работи со нашите клиенти на имплементација на модели за предвидување, креирање копилоти и чет-ботови, како дел од активностите и бизнис-трансформациите што ги правиме во една компанија клиент.
Уште од самите почетоци на компанијата нескромно можеме да се пофалиме со големи знаења и експертиза во делот на обработка на текст (Natural Langugage Processing), кое како дел од вештачката интелигенција значително се отвори со појавата на „Чет-ГПТ“ и како пристап на работа им се доближи на бизнис-корисниците. Оваа година забележуваме значителна заинтересираност за проекти од овој тип. 

Она што започна како идеја на неколку ентузијасти во 2018 година се претвори во успешна интернационална приказна и амбасадор на Македонија во напредно и компетитивно поле. Со која динамика работи канцеларијата во Лисабон и кога би направиле паралела со Македонија, кои зборови би ги избрале?

Чекорот кон Португалија е чекор кон интернационализација на Дата Мастерс и враќање на интернационалниот пазар за мене и уште неколку колеги. Доколку искуството таму го споредиме со тоа во Македонија, прилично тешко ќе најдеме сличности поради неколку клучни причини. Од аспект на искуство, Португалија има значително поразвиен пазар, многу експерти и искусни тимови, но и многу компании, што значи огромна конкуренција. Спротивно, во Македонија сѐ уште се гради пазарот и нема преголем сениоритет во областа.
Од аспект на компании и типови на проекти, во Македонија го кршиме мразот и допрва ќе работиме на многу покомплексни предизвици. На домашниот пазар зборуваме за потреба, дефиниција на проблем, стратегија и комплетна трансформација, додека на странските пазари (и во Португалија) се бориме со концепти и методологија за тоа како би решиле конкретен и веќе познат проблем кај големите компании.



На почетокот 80% од проектите ви беа надвор од Македонија, а последниве години успевате да започнете соработка со еминентни македонски компании-лидери во својот сектор. Има ли поголема свесност кај македонските компании за data-driven компании?


Можеме да забележиме дека во изминатите пет години свесноста несомнено расте, и тоа од година на година. Тоа се должи на огромната понуда за едукација во полето за оваа област. Според мене, во следните пет години очекуваме многукратно поголем интерес, поголема свесност и храброст да се инвестира во оваа насока.
Иако носењето вистинска одлука во вистинско време не може да се измери и квантифицира, од една страна, сѐ повеќе се согледуваат придобивките, а од друга страна, многу големи компании се напред пред својата конкуренција. Со самото отсликување на придобивките во резултатите од секојдневното работење очекуваме огромен бран и брзо освестување и на оние што досега не се навлезени во оваа област.

Каков фидбек добивате од клиентите, колку се подготвени да научат, да ги имплементираат решенијата што ги создавате специјално за нив?


Особено нѐ радува фактот што во повеќето препораки од нашите клиенти се повторуваат достапноста и флексибилноста како наши клучни вредности, нешто што е исклучително значајно особено кога една компанија ги прави првите чекори во оваа насока. Дополнително, препознатлива станува и методологијата на работа и задоволството од неа, каде што инклузивноста на клиентската страна во целокупниот развој, како и можноста да бидеме мост помеѓу бизнисот и ИТ се нашите најспомeнувани силни страни.
Како што напоменав и претходно, предизвиците се најчесто од аспект на отпор на промени, но за среќа, секогаш имаме огромна поддршка од највисокиот менаџмент или сопствениците, па досега секогаш сме успевале успешно да доставиме многу проекти и да ја подигнеме аналитичката зрелост на стотици професионалци од страната на нашите клиенти.



Каква стимулација им треба на младите за да се запре популарниот „одлив на мозоци“? Како да се мотивираат да го вложат своето знаење дома?

Има неколку клучни причини поради кои сметам дека постои желба да се остане дома. Можноста на сите колеги од тимот да бидат дел од успешна приказна чија главна мисија е да остави legacy, да ги направи првите стапки во областа локално, или од дома да може да се развива и да биде конкурентен на светски пазари.
Ние сме тим кој константно сака да се движи напред и да изгради приказна која ќе биде светска. Затоа, сите имаат еднаква шанса да придонесат. Според нас, приказната на Дата Мастерс е уникатна поради фактот што бројот на консултантски или сервисни компании кои со локално искуство и менаџмент успеале да прераснат во светски приказни се екстремно малку во Македонија. Се надевам дека ние ќе бидеме пример за таква компанија и дека ќе успееме да го претвориме тој сон во реалност.

Академијата е суштински дел од Дата Мастерс... Колкав е интересот за изучување на Data Science? Колку се запознаени студентите со потребата од оваа професија и бенефициите што ги носи?

Академијата е за сите што се заинтересирани да научат и да се запознаат барем со основите нa Data Science, основните алатки и основните вештини. Соработуваме и со компании, за нив имаме tailor-made пристап каде што комплетно го предизвикуваме моменталниот облик на обуки и нудиме пристап кој директно го адресира најголемиот предизвик во генералните обуки, а тоа е апликативноста на стекнатото знаење на брз начин во матичната компанија на слушателот.
Важно е да се каже дека академијата е, пред сè, за нас, за да изградиме наши кадри. Во неа предаваат наши колеги, кои ги мотивираме да го споделат своето знаење и да се изградат себеси во професионалци кои можат да го симплифицираат и пренесат своето знаење. Воедно, на тој начин градиме и луѓе кои може да комуницираат со клиент, подготвени се да одговорат на незгодно прашање, да споделат знаење. Така ја градиме и ја дефинираме културата на споделување знаење во компанијата.

Каква задача си дадовте на почетокот, кога компанијата беше во зародиш и дали си ги исполнивте замислите? Кои се Вашите следни провокации?

Целта и главната мотивација ни е да бидеме македонски бренд кој ќе ги поставува критериумите во областа на аналитиката и во чекор со светските трендови ќе нуди решенија кои значително ќе ги менуваат компаниите. Наша аспирација била и останува секогаш да доставуваме вредност за бизнисите, а не само технички капацитет, нешто што е остварливо само преку изработка на комплетни решенија. Најголема „провокација“ (ако можеме така да ja наречеме) е да докажеме дека со македонски знаења (know-how) можеме да изградиме успешна и уникатна македонска приказна, која ќе може да понуди многу и на домашниот и на меѓународниот пазар.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот