X
 23.11.2023 Наука

Употребата на канабис е поврзана со промени во епигеномот

Употребата на канабисот може да предизвика промени во епигеномот на човечкото тело, посочува истражување спроведено на 1.000 возрасни лица. Епигеномот функционира како збир на прекинувачи, активирајќи или деактивирајќи гени за да го промени начинот на функционирање на нашите тела.

- Набљудувавме поврзаност помеѓу кумулативната употреба на марихуана и повеќе епигенетски маркери со текот на времето - објаснува Лифанг Хоу, превентивен лекар и епидемиолог од Медицинскиот факултет „Фајнберг“ на Универзитетот „Нортвестерн“ во јули 2023 година.

Канабисот е најчесто користена супстанција во САД, при што 49 отсто од луѓето консумираат барем еднаш, објавија Хоу и американски истражувачи во нивниот објавен труд. Некои американски држави и други земји го направија канабисот легален, но сè уште не ги разбираме целосно неговите ефекти врз нашето здравје.

Истражувачите проучувале околу 1.000 возрасни лица кои учествувале во долгорочно претходно истражување каде што биле прашани за нивната употреба на канабис во период од 20 години. Учесниците во истражувањето дале примероци од крв во два наврати во тој период, на 15 и на 20 години. Тие биле на возраст меѓу 18 и 30 години на почетокот, или „година 0“.

Користејќи ги овие примероци на крв од пет години, Хоу и нејзиниот тим ги разгледале епигенетските промени, особено нивоата на метилација на ДНК, на луѓето што користеле канабис неодамна или долго време.

Додавањето или отстранувањето на метил групи од ДНК е една од најпроучените епигенетски модификации. Без промена на геномската секвенција, таа ја менува активноста на гените, бидејќи на клетките им е потешко да го читаат упатството за геном со овие молекуларни промени на нивниот начин.

Факторите на животната средина и начинот на живот може да ги поттикнат овие промени на метилација, кои може да се пренесат на идните генерации, а биомаркерите на крвта можат да обезбедат информации и за неодамнешните и за историските изложувања.

- Претходно идентификувавме асоцијации помеѓу употребата на марихуана и процесот на стареење преку метилација на ДНК. Сакавме дополнително да истражиме дали специфичните епигенетски фактори се поврзани со марихуаната и дали овие фактори се поврзани со здравствените резултати - рече Хоу.

Сеопфатните податоци за употребата на канабис од страна на учесниците им овозможија на научниците да ја проценат кумулативната употреба со текот на времето, како и неодамнешната употреба и да ја споредат со маркерите за метилација на ДНК во нивната крв за анализа.

Тие пронашле многубројни маркери за метилација на ДНК во 15-годишните примероци на крв; 22 биле поврзани со неодамнешната употреба и 31 поврзани со кумулативна употреба на канабис. Во примероците земени на 20-годишна точка, тие идентификувале 132 маркери поврзани со неодамнешната употреба и 16 поврзани со кумулативна употреба.

- Интересно е што постојано идентификувавме еден маркер кој претходно беше поврзан со употребата на цигари, сугерирајќи потенцијална заедничка епигенетска регулација помеѓу употребата на цигари и марихуана - објаснува Хоу.

Повеќекратните епигенетски промени поврзани со употребата на канабис претходно беа поврзани со работи како што се клеточна пролиферација, сигнализација на хормони, инфекции, невролошки нарушувања како шизофренија и биполарно растројство и нарушувања на употребата на супстанции.

Важно е да се напомене дека ова истражување не докажува дека канабисот директно ги предизвикува овие промени или предизвикува здравствени проблеми.

- Ова истражување даде нови сознанија за поврзаноста меѓу употребата на марихуана и епигенетските фактори - рече епидемиологот Дру Нанини од Универзитетот „Нортвестерн“.

- Потребни се дополнителни студии за да се утврди дали овие асоцијации се постојано забележани кај различни популации. Освен тоа, истражувањата кои го испитуваат ефектот на марихуаната врз здравствените резултати поврзани со возраста може да обезбедат дополнителен увид во долгорочниот ефект на марихуаната врз здравјето - додава Нанини.

Истражувањето е објавено во „Молекулар сајкајатри“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука