X
 24.01.2019 Образование

Албанските студенти повторно на протести

Албанските студенти, по тринеделното „запоседнување“ на факултетите, повторно се вратија на протести барајќи исполнување на нивните осум барања кои, според нив, ќе обезбедат поквалитетно образование.

Вчера тие протестираа пред министерството за образование и владата, а денеска се собраа пред албанскиот законодавен дом.

Од друга страна, и професорите искажуваат револт посочувајќи дека автономијата на универзитетите и академските слободи се доведени во прашање.

Претставниците на студентите од протестите ги повикаа професорите и „физички“ да им се приклучат во протестите.

Во соопштение тие ја информираат јавноста дека не се откажуваат од протестите сè до исполнувањето на нивните барања.

  - Прво, ние како студенти не се откажавме од нашата главна битка за квалитетно образование. Второ, се наоѓаме во клучен момент на нашите протести и очекуваме нашите професори од вербалните изјави и охрабрувања што ни ги даваат да ни се придружат физички во протестите и бојкот на наставниот процес до вистинско исполнување на нашите барања. Универзитетот е заеднички на студентите и професорите - стои во соопштението.

Масовни протести студентите одржуваа речиси цел декември. Ги прекинаа за време на божиќните и новогодишни празници, по што влегоа во факултетските простории и не дозволуваа влез ни на вработените ни на претставници на ресорното министерство.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование