X
 31.12.2018 Живот

Од први јануари обложувачниците во Албанија ќе се третираат како парцели со марихуана

Албанскиот министер за внатрешни работи Сандер Леши ги предупреди сопствениците на спортски обложувачници кои нема да се придржуваат на одлуката на владата за нивно затворање дека од први јануари секоја од нив ќе се третира како парцела со марихуана.

Тој го порача ова од средбата со првите луѓе на полициските комесаријати, на која побара максимално ангажирање на полицијата околу ова прашање.

- Од први јануари на територијата на нашата земја се забрануваат активностите на сите видови игри на среќа. Се забранува и аудио-визуелно рекламирање. Од голема важност е фактот што државната полиција е директно вклучена во спроведување на законот. Од 1 јануари 2019 година сите простории каде што коцкањето се одвива отворено или скришно ќе се третираат како парцела засадена со канабис - предупреди Леши.

На средбата полициските раководители го информирале за досега преземените мерки и активности. Според нив, поголем дел од сопствениците веќе ги затвориле обложувачнците.



Со одлука на албанската влада од први јануари 2019 година се затвораат сите спортски обложувачници во Албанија, сите електронски казина, кои сега ги има низ главните улици во градовите во земјата. Казината ќе бидат достапни само во хотели низ земјата со пет ѕвездички, кои се наоѓаат надвор од урбаните области.

- Со новата година ќе умрат казината, обложувачниците, како и онлајн-обложувањата - напиша албанскиот премиер Еди Рама во средината на октомври кога беше донесена одлуката.

Инаку, во текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувачници и на лотарии. Гледано по глава на жител, произлегува дека на игрите на среќа албанските граѓани годишно трошат по 46 евра, што е многу повисок износ споредено со земјите во регионот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот