Просечната должина на популарните песни денес е за 20 секунди пократка во споредба со 2013 година. Кој е виновен? Исплатите од стриминг-платформите како „Спотифај“ и „Епл мјузик“ лани имаа удел од 75 отсто во вкупните приходи на музичката индустрија во САД.
Не дека се мрзливи музичарите или, пак, дека публиката бара помалку (иако можеби и тоа е фактор). Станува збор за тоа дека стриминг-сервисите финансиски не ги поттикнуваат музичарите на посложени и подолги мелодии. Имено, „Спотифај“ и „Епл мјузик“ на музичарите им исплаќаат надоместоци - меѓу 0,004 и 0,008 долари за секој пат кога нивната песна ќе биде преслушана.
Надоместокот не зависи од должината и сложената на песната, туку од бројот на преслушувања. Поради тоа, на музичарите им е сеедно дали ќе компонираат песна од две или од осум минути - заработката ќе им биде иста.
- Никогаш досега немало таков финансиски притисок врз музичарите да прават пократки песни. Едноставно полнењето на албумот со повеќе песни што траат пократко е поисплатливо финансиски отколку да се направат помалку песни што траат подолго - коментира Марк Ричардсон, музички критичар.
На пример, Канје Вест ќе добие ист надоместок за својата песна „All Of The Lights“ од 2010 година, која трае пет минути, и за ланскиот хит „I Love It“, кој трае само две минути.
Повеќето музичари се приспособија на овој тренд. Освен Вест, песните на ланските албуми ги скратија и Дрејк и Кендрик Ламар.
Според истражување на страницата „
Кварц“, дури 6 отсто од хит-песните на листата со сто најдобри песни на „Билборд“ траат само две минути и 30 секунди или
пократко.