Австралија годинава веќе се соочи со екстремни пожари, поплави и град. Сега експертите предупредуваат на нова опасност - смртоносни пајаци.
Сиднејскиот пајак е можеби најопасниот пајак во светот. Иако повеќето пајаци ќе се обидат да избегнат конфронтација, овој вид ќе нападне и ќе се обиде да гризне, без оглед која е заканата. Овој вид пајак често гризнува повеќе пати за да се осигури дека инјектирал целосна доза отров.
Катастрофата што ја зафати Австралија последниве месеци создаде совршени услови за размножување на овој вид пајаци.
Влажните шумски предели на Источна Австралија стануваат природно опкружување за неколку вида пајаци познати по отровот што брзо дејствува. Меѓу нив е и овој вид пајак.
Поради потенцијалната опасност, се огласи и австралискиот парк за рептили со седиште во Сомерсби, Нов Јужен Велс, од каде што порачуваат дека присуството и активноста на овие пајаци е зголемена последниве денови.
Фото: Australian Reptile Park
- Поради неодамнешниот дожд и топлите денови, смртоносните пајаци почнаа да се движат насекаде. Тие се едни од најопасните пајаци на планетата и мора да го третираме овој проблем многу сериозно - изјави портпаролот на паркот, Даниел Рамсеј, во видеоснимка објавена на „Фејсбук“.
Сиднејскиот пајак е активен во текот на летото, но сезоната овој пат малку доцнеше бидејќи времето во последните месеци беше многу суво.
Според Си-ен-ен, доаѓаат предупредувања дека постои опасност од смртен исход доколку дојде до контакт со ова опасно животно.
Австралија ја погодија најголемите пожари во последните децении, а веднаш по
пожарите следуваа огромни поплави.