X
 18.12.2023 Живот

Заглавени авиони на писта, крокодил плива по улица - Квинсленд се соочува со една од најлошите поплави во историјата

Поради екстремните временски услови предизвикани од тропски циклон, Северен Квинсленд во Австралија се соочува со една од најлошите поплави досега. Екстремните временски услови се предизвикани од тропскиот циклон Џаспер, кој предизвика толкави врнежи од дожд колку што би врнело цела година.

Фотографиите и видеата што кружат на интернет покажуваат заглавени авиони на пистата на аеродромот Кернс и како крокодил долг 2,8 метри плива низ поплавите во Ингам. Поради неповолните услови, властите беа принудени да ја запрат евакуацијата на 300 жители на градот Вуџал Вуџал.

Властите очекуваат поплавите да бидат нешто најлошо со кое се соочило државата, а интензивните врнежи се очекува да продолжат и во наредните 24 часа.

Премиерот на Квинсленд, Стивен Мајлс, вели дека оваа природна непогода е една од најлошите на кои може да се сети.

Синоптичарите соопштуваат дека поројниот дожд ќе продолжи и ќе се совпадне со приливот и одливот, што ќе го интензивира влијанието врз ниските населби. Државните власти проценуваат дека билансот од катастрофата ќе надмине 1 милијарда австралиски долари.

Источна Австралија е погодена од чести поплави во последниве неколку години, а земјата се соочува и со Ел Нињо, кој обично е поврзан со екстремни настани како шумски пожари и циклони.
Извор: ВВС
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот