X
 24.01.2024 Живот

Истражување: Повеќе од половина од медиумските работници имаат потпросечни плати, во онлајн медиумите секој трет е пријавен со полно работно време

Истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) покажува дека 55 проценти од 3.146 медиумски работни позиции имаат потпросечни плати. Од вкупниот број, 53 отсто се жени во оваа професија. Една петтина, односно над 600 работат во онлајн медиуми каде што, според наодите, е и најголем процентот (над 70) на медиумски работници што примаат плати под државниот просек.

- Во онлајн медиумите 39,1 проценти ги уживаат правата од Законот за работни односи, односно се вработени со полно работно време. Она што стравувавме и имавме првични наоди се покажа како сурова реалност – вработените медиумски работници во интернет-изданијата се само една петтина од вкупниот број работни позиции, односно над 600 вработени. За жал, само еден од тројца вработени е редовно пријавен на полно работно време, а платите се под државниот просек - рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски, соопштувајќи ги резултатите од истражувањето што Синдикатот го спроведува во рамки на проектот „Работнички права за независно новинарство“ во партнерство со Институтот РЕСИС и со поддршка на Европската Унија.

Истакна дека економската неизвесност и натаму е предизвик на новинарите и медиумските работници, а фокусот треба да остане на напорите за унапредување на нивните работнички и социјални права. Притоа посочи дека Европската комисија нотираше дека е потребно и подобрување на дијалогот меѓу синдикатите и Владата со цел да се изнајдат прифатливи решенија за сите прашања, како што се големиот број договори на определено и на половина време, без социјално и здравствено осигурување.

Маја Север, претседателка на Европската федерација на новинари, во онлајн обраќањето се осврна на синдикалната борба на новинарите во регионот и во Европа. Порача дека за да се заштити независноста и професионалноста на медиумите, неопходно е да се инвестира и да се подобри социо-економскиот статус на новинарите.

- Само преку заеднички напори на медиумските организации, граѓанското општество, независните синдикати, па дури и соработка и преговори со државните власти можеме да создадеме опкружување во кое новинарите може да ја остварат својата улога на стражари на вистината и стражари на јавниот интерес - рече претседателката на Европската федерација на новинари.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот