Саму Сеитсало, директор на Агенцијата за образование во Финска, ги поврзува некомпатибилните север и југ.
Четврт век работи на тоа училиштата во Финска да бидат што поквалитетни, а често го посетува Балканот приватно..
Во интервју за Би-би-си на српски, тој опишува како се родила љубовта кон поранешна Југославија. Првпат дошол за време на војната - во 1993 година, кога патувањето го донело во Словенија на состанок на Европската младинска организација, па имал можност да ги посети главниот град Љубљана и крајбрежниот град Пиран.
- Почувствував, особено во Љубљана тогаш, како и претходно да сум бил таму. Имаше чудна врска и оттогаш се враќав многу пати - вели Сеитсало, кој е магистер по бизнис-администрација.
Ги посетил речиси сите земји по распадот на Југославија: Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија.
„Училиштата се огледало на општествата“
Иако не е наставник, Сеитсало веќе 26 години работи во финската национална агенција за образование (ЕDUFI) каде што моментално е директор. Агенцијата, во која се вработени 450 лица, е дел од Министерството за образование и е одговорна за развојот на предучилишното, основното, средното и високото образование.
- Убеден сум дека училишниот систем на некој начин е огледало на целото општество - вели Сеитсало.
На прашањето дали учениците во
Финска, како многу ученици на Балканот, учат напамет само за да добијат оценка или знаењето ги подготвува за живот, тој дава малку неочекуван одговор.
- Основната идеја е човекот да го видиме како целина и тоа е почетната точка и за образованието - вели тој.
Нема просветна инспекција
Образовната политика во Финска се заснова на довербата дека наставникот ќе ја заврши работата како што треба, па не постои образовна инспекција.
- Тоа е и прашање на идеологија, во нашиот систем постои доверба од Агенцијата до училницата. Затоа немаме инспектори во Агенцијата, парите што би им ги дале на инспекторите сакаме да ги вложиме во развојот на образованието - вели тој.
Слично е и во училиштата.
Сеитсало се присетува како група колеги од Ирска биле изненадени при посетата на едно училиште во Хелсинки. Тие разговарале со наставникот и директорот и прашале колку често наставниците го известуваат директорот за успехот и напредокот на учениците.
- Се сеќавам на изразот на лицата на колегата, беше збунет, не сфати што го прашуваат. „Мислите на разговорот со директорот на почетокот од годината и оној на крајот на годината, или нешто друго?“ - праша колегата бидејќи редовно поднесување извештаи едноставно не постои - раскажува Сеитсало.
Во финскиот образовен систем нема национални, стандардизирани тестови, освен на крајот од средното образование - како што е државната матура, која служи и како приемен испит за факултетите.
Ако сакате да станете наставник, мора да имате завршено магистерски студии.
На факултетот има посебни испити за наставници, слично е и за предметните наставници, со задолжителни педагошки предмети и усно интервју. Се избира најсоодветниот кандидат, а не нужно оној со најдобри оценки.
Фото: Freepik
Систем базиран на доверба
Наставникот ги избира и учебниците според кои ќе предава, а останува тој да одлучи дали, на пример, ќе одржи лекција за Втората светска војна едноставно со пуштање филм.
- Целиот систем се заснова на доверба и верувам дека затоа постигнавме многу добри резултати. Младите луѓе сè уште сакаат да станат наставници, исто колку и адвокати или лекари - вели тој.
Тие се мотивирани од можноста да влијаат врз работата, како и од слободата да одлучат како да го работат тоа, додава тој.
Постои национална наставна програма за сите предмети, но само основна наставна програма и упатства. Подетални планови определуваат општините согласно потребите. Сепак, како точно ќе изгледа часот - одлучува наставникот, тој е одговорен за тоа.
- Има цели во однос на тоа што треба да знае еден ученик, да речеме по првите три одделенија. Оценувањата ги прават наставниците, но националните упатства пропишуваат што треба да знае ученикот за кое одделение - во опсег од 4 до 10 - вели Сеитсало.
Четири е најлоша, а десет е најдобра оценка.
Има неколку издавачки куќи што печатат ученици, но државата не се меша во тоа. Единствено државата субвенционира учебници за некои предмети кои не се вообичаени или ги учат помал број ученици - на ромски или на лапонски јазик, со оглед на тоа што неколку илјади Лапонци живеат во Северна Финска.
Целосно бесплатно образование
Основното училиште во Финска има девет одделенија, од 7 до 16 години, а тригодишното средно образование неодамна стана законски задолжително.
Бидејќи образованието е задолжително, тоа е и бесплатно, но тоа не значи само бесплатна настава, како на Балканот. Учениците таму имаат бесплатни учебници, пенкала, тетратки, гуми за бришење и сите го добиваат истото. Се компензира и патувањето до училиште, доколку некој помине повеќе од седум километри, но деталите се разликуваат од град до град.
- Почнувајќи од оваа година, компјутерите и лаптопите во средните училишта се бесплатни, како и сето она што ви треба од материјали за учење. Ако учите за фризер, ќе добиете и алатки - ножици, чешел, сето она што ви е потребно за работа - забележува Сеитсало.
Исто така, во Финска сите деца во основно училиште имаат бесплатен ручек. На овој начин заедницата обезбедува секој да има хранлив, вкусен и разновиден топол оброк, а родителите да немаат никакви обврски во врска со тоа.
Постојат приватни училишта, но законски е забрането да се профитира.
Исто така, високото образование е бесплатно.
Фото: Freepik
Колку чини?
- Ако споредите со БДП, Финска за образование издвојува 3,5 или 3,6 отсто. Министерството за образование е на второто место по важност, а Министерството за одбрана е некаде блиску до дното - вели Сеитсало.
Бруто-домашниот производ на оваа нордиска земја со 5,5 милиони жители изнесува 269 милијарди долари, соопшти Светска банка.
- Ако инвестирате во образованието, нема да мора да инвестирате во полиција - вели тој.
Финскиот образовен систем често се смета за еден од најдобрите во светот, но Сеитсало верува дека сѐ уште има простор за подобрување.
- Мислам дека имаме прилично добар образовен систем во Финска, но не можеме да се потпреме на тоа, мораме да се трудиме да бидеме подобри. Затоа е важна меѓународната соработка. Основата на нашиот сеопфатен образовен систем, кој се развиваше до 70-тите години, лежи во меѓународната соработка. Отидовме во Шведска, во Америка, погледнавме во Германија, копиравме некои работи од различни страни, но ја направивме нашата супа и таа се разликува од сите други - забележува тој.
Според податоците од тестот ПИСА, разликата меѓу најлошите и најдобрите ученици е најмала во Финска, забележува Сеитсало.
- На некои деца им е досадно додека учат, ги интересираат други работи, па тоа се работи што ги подобруваме - вели тој.
Извор:
BBC
Фото: EDUFI