X
 24.02.2021 Култура

„Дара од Јасеновац“ - филм што го крена Балканот на нозе

Се чини дека ниеден филм од поранешна Југославија не предизвика толку коментари и реакции како „Дара од Јасеновац“. Откако беше премиерно прикажан во кино во Грачаница, сè до трката за влез во конкуренција за „Оскар“, а потоа и елиминацијата од трката, до премиерата во САД кон средината на јануари и неодамна на националните телевизии, прашината зад овој филм никако да стивне.

И не само во Србија, туку и во регионот. Така, „Вечерњи лист“ наведува: „Никој не може да негира дека се случиле страшни злосторства во Јасеновац, дека децата биле задушени со плин, луѓе биле убивани со чекан и заклани со големи ножеви, но тоа не значи дека од овие ликови треба да се направат карикатури.“

Порталот наведува дека откако во последните неколку недели филмот стана дело за кое сите знаат, иако сè уште го немаат гледано, филмот на Предраг Антонијевиќ „Дара од Јасеновац“ беше прикажан во ударен термин во саботата вечерта на јавниот сервис во Србија.

- Мора да се признае дека тоа беше прилично чуден и незабележан потег досега бидејќи вообичаеното правило е филмовите најпрво да се прикажуваат во киносалите, а дури потоа на телевизија - наведува „Вечерњи лист“.

Како што пишува „Вечерњи лист“, првите рецензии од американските медиуми го закопаа филмот, нагласувајќи дека станува збор за евтина српска пропаганда насочена против Хрватите и католичката црква. - Дали е навистина така? И да и не. Имено, „Дара од Јасеновац“ очигледно се преправа дека е еден вид српска „Шиндлерова листа“, филм што зборува за страдањата на една нација и фашистичките злосторства. Но, „Дара“ не успева во најважното - главното дејство и површно напишаните ликови.

Порталот наведува и дека Антонијевиќ направил неколку фактографски грешки.

1
Фото: Screenshot/YouTube

- Имено, усташите во филмот носат црни униформи, иако е добро познато дека службената униформа беше светлозелена, а само членовите на Црната легија носеле црни униформи. Веројатно на тој начин сакал дополнително да го долови злото.

Хрватскиот критичар Ненад Полимац за „Јутарњи лист“ вели дека режисерот направиш грешка кога го „турнал“ филмот да учествува во наградите „Златен глобус“ и „Оскарите“ затоа што се нашол во друштво каде што не припаѓа.

Полимац наведува дека српската држава вложила многу пари во филмот, а експлицитната бројка на српската „Википедија“ е три милиони евра.

- Слаткоречивиот режисер Предраг Антонијевиќ го увери Филмскиот центар на Србија дека филмот има шанси за „Оскар“ и „Златен глобус“, веројатно сето тоа го поткрепи со своите добри врски во Холивуд, најде и американски дистрибутер, но тоа беше сè што направи - вели Полимац.

Според овој хрватски критичар, немало поддршка од американските критичари, иако имало позитивни критики. Сепак, двата највлијателни „Варајети“ и „Лос Анџелес тајмс“ го оцениле филмот крајно негативно, нагласувајќи дека е антихрватска, антикатоличка и просрпска пропаганда.

За филмот имал што да каже и хрватскиот теолог и историчар Горан Шариќ, кој истакнува дека „Дара од Јасеновац“ покажал дека Србите не го разбираат усташкото зло.

- Филмот не објасни кој и зошто убил стотици илјади Срби, Евреи, Роми и Хрвати во десетици логори и безброј места низ селата на Независна Држава Хрватска. Не ја објасни генезата на злото - истакнува тој.

Историчарот додава дека не е возможно во ниту една книга или филм да се прикаже она што тогаш се случувало, но дека е за пофалба тоа што некој се обидел да го прикаже.

- Проблемот на филмот не е патетиката, ни црно-белото прикажување на ликовите. Секој  воен филм или секој филм за Сребреница има стопати повеќе патетика. Проблемот е во тоа што филмот, ако е создаден за меѓународната публика, не објаснува кој и зошто убил стотици илјади Срби, Евреи, Роми и Хрвати. Не ја објаснува генезата на злото. Не го потпиша, со име и презиме - наведува Шариќ.

Тој вели дека режисерот и сценаристот покажале целосно неразбирање на историјата, духот на тоа време, духот на усташкиот клеро-фашизам.

- Усташите беа ладни и мирни садисти, злобни, лигави, но и сталожени. Да го снимав филмот јас, за улогите би ги зел денешните негирачи на усташкиот геноцид - вели Шариќ.

Не е само филм, туку и минато

За Јово Шаровиќ, „Дара од Јасеновац“ не е филм, туку негово минато со кое живее 84 години.

Тој имал среќа да преживее, додека многу деца не успеале. Бил однесен од сиропиталиштето во Јасеновац на 4-годишна возраст, а излегол на 8-годишна возраст.

- Филмот е целосна вистина, сè е вистина. Можеби е малку поблаго прикажано, но е вистинито. Што сè се правеше со децата, како децата полека умираа - вели тој.

Гледал како децата умираат од глад, исцрпеност, тортура… Според него, тие добивале храна онолку колку што може да се смести во детската рака. Тие јаделе лисја, корења и остатоци фрлени на свињите.

- Замислете, секој ден умираат 30 деца, за десет дена се 300, за еден месец 900, а да не мрднат со прст, но затоа доаѓа транспортот на други 900 деца и така натаму – додава Јово.



Извор: B92.net | Rts.rs
Фото. Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура