X
 24.02.2021 Наша тема

„И Велес е далеко ако одеш пешки“. Не бидува развиена економија без квалитетни патишта

Соодветната патна инфраструктура воспоставена до секое село и град во државата ќе ги намали трошоците за транспорт, а исто така позитивно ќе влијае и врз миграцијата на населението

„...Далеко е и Велес ако одеш пешки, и Штип е далеко, усвета е, а ќе речеш те го дека е“. Оваa реченица од шега од старите скечеви на К-15 многупати саркастично се поврзува и кога се зборува за патната инфраструктура во државата. Квалитетна патна мрежа е еден од предусловите за развој на економијата и воедно за развојот на државата. Но, сепак, поврзаноста на различни дестинации низ земјава е многу слаба. Иако бизнис-заедницата постојано апелира дека е потребно подобрување на инфраструктурата низ земјава, сепак, на терен состојбите бавно се менуваат.

Неодамна регионалните комори од Пелагонискиот Регион посочија дека е неопходно модернизирање на патот Меџитлија - Битола - Прилеп - Велес со модерен автопат. Токму подобрата инфраструктура ќе овозможи полесен, побрз проток на стока и луѓе низ земјата, а со тоа и порамномерен економски развој.

- Се разбира дека подобрата патна, железничка и друга инфраструктура позитивно се одразува врз економијата. Подобрите патишта го скратуваат рокот на патување или превоз на стоки, ја намалуваат амортизацијата на превозните средства и водат кон намалување на трошоците на работењето. Овде е многу битно да се спомене и електричната и гасната поврзаност, кои исто така бараат добра инфраструктура, а енергентите стануваат многу значајни за развој на економиите - вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија.

Тој дополнува дека подоброто патно и железничко поврзување позитивно ќе влијае и врз економскиот развој на сите региони. Според него, дека современи патишта се неопходни, воопшто не е прашање за дискусија, туку дебатата треба да биде само за тоа каков пат е потребен, односно дали треба да се гради автопат или брз пат кон една дестинација.

- Со анализа може да се утврди дали кон одредени локации е потребен автопат или брз пат бидејќи разликата во цени е огромна и при помал проток на возила и брзиот пат е доволен. Ограничување претставуваат средствата од буџетот. Во услови кога имаме мал раст на економијата, недоволно сопствени обртни средства, државата е принудена овие големи инфраструктурни објекти да ги финансира со задолжување од Светската банка, Европската банка за обнова и развој, а понекогаш и од приватни кредитори. Преголемата задолженост може да доведе до неликвидност и намалување на кредитниот рејтинг на земјата, или до раст на каматните стапки по кои ќе ги добиеме новите заеми - дополнува Димитров.



Асоцијација „Макам-транс“ долги години укажува на потребата од изградба на целосна патна инфраструктура низ државата која ќе овозможи достапност до секое место, а со тоа и еднаков развој во државата.

- Развиена и подобрена патна инфраструктура значи заштеда на време и трошоци за превоз, но и намалени штети. Квалитетните патишта овозможуваат пристапност, сигурност и ефикасност, но притоа мора да се земат предвид и локалните патишта кои значат пристап до разни фабрики, рудници, откупни центри, магацини, односно локации каде што има стока за преземање. Обемот на превоз на стока е во директна корелација со развојот и растот на стопанството затоа што превозот е услуга поврзана со активноста на сите други учесници во економијата. Развојот на одредени делови од државата, привлекувањето странски инвеститори кои би вложувале и во руралните делови на државата директно е поврзан со градење мрежа на патишта која ќе ги поврзе сите делови. Зголемувањето на индустриските и трговски капацитети директно ќе влијае и врз растот на одделот превоз во патниот сообраќај - вели Биљана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“.

Соодветната патна инфраструктура воспоставена до секое село и град во државата исто така позитивно ќе влијае и врз миграцијата на населението, а со тоа и можноста на граѓаните повеќе да гравитираат од едно до друго место се подобрува, додава Муратовска. Таа посочува дека со подобри патишта граѓаните ќе може да се вработуваат на кое било место од државата независно од местото на живеење, бидејќи времето за патување ќе се скрати, а истовремено ќе се овозможи подобра услуга во областа превоз на патници.

- Инвестиции во инфраструктурата е нешто што е најважно за развој на стопанството. Денес сите земји околу нас „фрлаат“ огромни пари на подобрување на старата или правење нова и побрза инфраструктура, а само кај нас некако имам чувство дека ништо не се прави. Пример е Косово, соседна земја која влегува во првите десет земји во кои извезуваме наши продукти, а патот дотаму е катастрофален, да не ги споменувам граничните премини. Покрај подобрувањето на квалитетот на патиштата, што ќе резултира со поголема безбедност и брзина на патување, исто така од големо значење, но плус со еколошка придобивка, е потребата од инвестиции во железницата. Овој тип превоз најмногу ѝ одговара на Македонија, но таа мора да се доврши, да се инвестира во неа и да се одржува. Со подобрување на железничката инфраструктура стоката од РСМ многу побрзо и поевтино ќе стигне до ЕУ-пазарите, но и до пазарите кои се од интерес на државата. Таков пример е поврзувањето на Кина и Турција со железница, со што стоката која од Кина патуваше 30-45 дена до ЕУ, сега стигнува за само 20 дена - посочува Калин Бабушку, косопственик на „Македонија-експорт“.

Во Македонија еден од поголемите проекти на кои се работи во изминативе години, а чија изградба продолжува и во текот на 2021 година, е изградбата на автопатот од Кичево до Охрид. Во годишната програма за работа на Јавното претпријатие за државни патишта планирани се повеќе проекти кои опфаќаат реконструкции, обнова или изградба на патни правци, мостови, но и други помошни градежни активности. Меѓу планираните проекти се мостови на реките Луда Мара, Бабуна и Пчиња, комплетирање градежни зафати на автопатот Миладиновци - Штип, но и рехабилитација на други патишта. Со кредит од Светска банка треба да се гради експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, додека пак со програма за национални патишта се планира изградба на експресен пат Штип - Кочани, експресен пат Градско - Прилеп... За оваа година во програмата е најавен и почеток на изградбата на автопатот Скопје - Блаце.
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема