X
 24.02.2022 Живот

14 доктори на науки и 705 магистри бараат работа

Според профилот на образование, работа чекаат доктори по филозофија, доктори по економски науки, доктори по политички науки, доктори по педагогија, доктори по социјални работи и доктори по медицински науки

Четиринаесет доктори на науки и дури 705 магистри на науки бараат работа, според последната објавена евиденција на Агенцијата за вработување од 31 јануари годинава. Како невработени лица во државата се водат 9.027 лица со завршено високо образование. Овие бројки и не се изненадувачки ако се има предвид фактот дека бројот на високообразован кадар и лица што се здобиваат со титули во Македонија е голем. Сепак, ако се анализираат бројките, пред точно пет години, дури 37 доктори на науки барале работа, што покажува дека сега бројот е преполовен.

Статистиката на Агенцијата за вработување покажува дека според профилот на образование, работа чекаат доктори по филозофија, доктори по економски науки, доктори по политички науки, доктори по педагогија, доктори по социјални работи и доктори по медицински науки.

Пред точно една година овие бројки биле поголеми. Во јануари 2021 година дури 30 доктори на науки во Македонија барале работа, а невработени биле и 985 магистри и 13.263 лица со завршено високо образование.

Последната објавена евиденција на Државниот завод за статистика во однос на доктори на науки покажува дека во 2020 година, звањето доктор на науки го стекнале 174 лица, што е намалување за 14,7 отсто во споредба со 2019 година. Најголем број од лицата докторирале во областа на општествените науки, 40,8 отсто, потоа на медицинските науки докторирале 27 отсто, па следуваат хуманистичките науки со 13,8 отсто, а преостанатите лица докторирале во областа на техничко-технолошките науки, природно-математичките науки и биотехничките науки.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот