Академската заедница има огромен проблем кога станува збор за вештачката интелигенција затоа што голем број трудови се напишани со „Чет-ГПТ“.
Трудовите генерирани со вештачка интелигенција се пренесуваат во академските списанија со низок квалитет, но и во некои реномирани списанија - нагласувајќи ја зголемената распространетост на вештачката интелигенција и отворајќи прашања за квалитетот, стандардите за прием, но и платените бизнис-структури во академската заедница.
Во текот на изминатите неколку недели истражувачите на платформата Х (поранешен Твитер) го прикажале проблемот, кој лесно може да се открие со пребарување на „Гугл Сколар“, базата на податоци на журнали.
Кога се разгледувале списанијата нагласени како генерирани со вештачка интелигенција, се чини дека некои се изработени за одредена сума пари, но има и такви што не се полни со бесмислици.
Еден од трудовите поднесен до угледното хемиско списание „Површини и интерфејс“ е буквален „копи-пејст“ документ, генериран од чет-бот, а особено е интересно тоа што оние што го поднеле воопшто не го отстраниле воведот од чет-ботот.
Скриншот од споменатиот труд споделила истражувачката Колина Колтаи, каде што во воведот се забележува фразата „Ова е можен вовед за вашата тема“, што многу наликува на алгоритамски одговор на поднесено барање од вештачка интелигенција.
Според базата на податоци на „Гугл Сколар“, луѓето првенствено го користат чет-ботот на „Опен АИ“ како коавтор, или како алатка за истражување и пишување, но има многу материјал каде што се чини дека речиси сигурно академиците користеле вештачка интелигенција за да создадат цел труд.
Присуството на овие трудови, особено во респектабилните списанија, сигнализира дека вештачката интелигенција се инфилтрирала во академската јавност повеќе отколку што се мислело - и додека списанијата не почнат да ги спроведуваат сопствените стандарди, таа ќе продолжи да ги заматува водите на она што се претпоставува дека е бастионот на нашата интелектуална култура.
Извор: Futurism
Фото: Freepik