X
 24.04.2023 Технологија

Батерија за камиони која трае 1,5 милион километри

„Сканија“ и „Нортволт“ претставија батерија за камиони на електропогон за која тврдат дека нема да има потреба за менување и дека трае 1,5 милион километри.

Шведскиот производител на комерцијални возила „Сканија“ и шведскиот производител на батерии „Нортволт“ од 2017 година работат на развој на батерии за тешки комерцијални возила. Тие тврдат дека нивните литиум-јонски ќелии во тестовите за валидација успешно покажале способност да траат во текот на целиот животен век на камионот.

Ќелијата има капацитет од 157 Ah и номинален напон од 3,6 V. Компаниите тврдат и дека јаглеродниот отпечаток на овие ќелии е за две третини помал од она што моментално го имаме на пазарот.

Ќелијата се произведува со електрична енергија добиена без употреба на фосилни горива, туку исклучително само со хидро и ветерна енергија во гигафабриката на „Нортволт“ во Северна Шведска. Годинава „Сканија“ планира да отвори нова фабрика за батерии каде што ќе составува батериски ќелии во пакети батерии за да можат да почнат со производство на големи електрични камиони.

Според многумина, електричните возила се иднината на транспортот и тие ветуваат почист и поодржлив начин на движење. Меѓутоа, еден од најголемите предизвици со кои се соочува масовното преминување на електрични автомобили е развојот на сигурни и пристапни мрежи на полначи, но и фактот дека возачите немаат многу доверба во траењето на батериите.

Во однос на мрежите на полначите, тоа е посебна приказна, но многу се пишуваше и за тоа колку може да е скапа поправката, односно замената на батериите во електричните возила. Во некои случаи, цените за замена се и над 20 илјади долари. Покрај тоа, пазарот на половни електрични возила е нестабилен бидејќи возачите не сакаат да купат возило кое веќе ја трошело и потрошило батеријата.

Доколку ќелијата што ја произведуваат двете шведски компании навистина може да трае во текот на животниот век на камионот, без потреба за замена, и доколку технологијата е приспособена за стандардни електрични автомобили, постои можност дека со тоа ќе се реши еден од најголемите проблеми што денес ги имаат возачите на електричните возила.

Извор: Benchmark
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија