Гладот за енергија ги принудува научниците и инженерите да бараат нови материјали и технологии за складирање електрична енергија. Батериите што ни се достапни денес складираат енергија во релативно мала количина и за релативно краток временски период. Во одреден момент треба да ги надополниме или замениме, без разлика за што ги користиме.
Но, што ако имаме батерија што може да напојува уред не само со денови или години, туку со генерации?
Научниците и инженерите од Универзитетот во Бристол и Управата за атомска енергија на Обединетото Кралство (УКАЕА) биле водени од оваа мисла кога ја развиле, а потоа успешно ја создале првата дијамантска батерија во светот што користи јаглерод-14.
Како што истакнале во соопштението за печат, овој нов тип батерија има потенцијал да ги напојува уредите илјадници години, што ја прави неверојатно долготраен извор на енергија. Користен е радиоактивен изотоп, јаглерод-14, познат по неговата употреба во радиојаглеродното датирање (истиот што се користи за одредување на староста на објектот во археологијата), за да се произведе дијамантска батерија.
Но, како функционира целата работа? Дијамантската батерија користи јаглерод-14 и се напојува од неговото распаѓање. Функционира слично како и соларните панели кои ја претвораат светлината во електрична енергија, но наместо да користат светлосни честички (фотони), тие заробуваат брзи електрони од структурата на дијамантот. Имајќи предвид дека полуживотот на јаглерод-14 е околу 5.700 години, тоа би значело дека и батеријата може да трае толку долго.
- Дијамантските батерии нудат безбеден, одржлив начин за обезбедување постојани нивоа на моќност во микровати. Тие се нова технологија која користи произведен дијамант за безбедно заробување на мали количества јаглерод-14 - вели Сара Кларк, директорка на циклусот на гориво на тритиум во „УКАЕА“.
Иако моментално е тешко да се замисли за што би можела да се користи батерија која трае илјадници години, научниците истакнуваат дека нејзината употреба во медицински помагала навистина би можела да им помогне на пациентите.
- Нашата микронапонска технологија може да поддржи цела низа важни апликации - од вселенска технологија и безбедносни уреди до медицински импланти. Возбудени сме да ги истражуваме сите овие можности во иднина - истакнува професорот Том Скот од Универзитетот во Бристол.
Извор: zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik