X
 20.09.2023 Технологија

Батерија за паметни контактни леќи се полни со човечки солзи

Контактните леќи веќе долго време се користат за корекција на видот. Со технолошкиот напредок се измислуваат сè попаметни верзии, се поврзуваат со уреди како паметни телефони и прикажуваат информации блиску до очите на корисникот. Ваквите намени бараат леќите да имаат внатрешна батерија.

Разни паметни контактни леќи со екрани користат исклучително тенки батерии со индукциски намотки и жици направени од метал, но со себе носат и многубројни опасности за очите на корисникот. Меѓутоа, сега истражувачите од Факултетот за електротехничко и електронско инженерство на Технолошкиот универзитет „Нанјанг“ во Сингапур создале батерија направена од биокомпатибилни материјали, со облога базирана на гликоза.

Оваа обвивка реагира со јоните на натриум и хлорид во водата во внатрешноста на батеријата и служи како мрежа за производство на електрична енергија. Бидејќи солзите содржат јони на натриум и хлорид, леќите се полнат додека се носат на очите.

Претходните техники за батерии за леќи не биле совршени бидејќи едната страна од батериската електрода била наполнета, а другата не, објаснуваат истражувачите. Новото решение може да ги наполни двете батериски електроди со единствена комбинација на ензимска реакција и реакција на саморедукција. Бидејќи се користат гликоза и вода, леќите се безбедни за носење, како и за околината.


Батеријата потенка од еден милиметар произведува струја од 45 микроампери и има максимална моќност од 201 микровати. Оваа количина на енергија е доволна за работа во поголемиот дел од денот. Полнењето со солзи помага батеријата да трае подолго. Експериментите покажале дека траењето на батеријата може да се продолжи за дополнителен час за секои дванаесет часа користење.

Кога не се користи, батеријата може да се чува во концентриран солен раствор кој содржи големи количини на јони на гликоза, калиум и натриум. Оваа батерија може да издржи 200 циклуси на полнење и празнење, а истражувачите сега работат на зголемување на нејзиниот капацитет.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија