X
 24.05.2018 Живот

Необични суштества ги окупираат француските градини

Големи црви од тропските делови на Азија, кои кришум ги окупирале француските градини, се закана за локалната флора и фауна, предупредуваат научниците.

Алчните суштества се инфилтрирале во градините низ земјата. Нова студија собрала информации за невообичаените суштества, кои растат до 40 сантиметри во должина.

Покрај нивната големина, овие необични суштества би биле целосно незабележливи ако не беа напорите на биологот-аматер Пјер Грос, кој фотографирал еден од неидентификуваните црви во 2013 година.

- Оваа фотографија беше испратена од една електронска порака до друга и конечно стаса до мене. Ја погледнав и реков: „Ова не е можно, немаме ваков вид животно во Франција“ - вели професорот Жан-Лу Жустен, зоолог.

Фото: Independent

На почетокот тој мислел дека сето ова е шега, особено кога неколку недели подоцна Грос му испратил фотографии од втор и трет плоснат црв, сите наводно пронајдени во неговата градина. Откако фотографиите биле верификувани, професорот решил да го оцени нивото на инвазија.

Во текот на изминатите пет години тој собирал снимки од над 100 соработници од целата земја, како и некои од тропските француски територии, вклучително Гваделуп, Мартиник и Француска Гвајана. Најстарите биле од 1999 година.

Студијата го разгледува присуството на видовите црви со глави во облик на лопата за кои се знае дека можат да достигнат должина од еден метар. Тие црви се предатори и тоа значи дека претставуваат сериозна закана за другите мали суштества во почвата, како и за еколошките процеси.

Фото: Independent

Иако истражувачите не извршиле целосна процена на заканата што ја претставуваат овие животни (процес кој бара скапи и сложени еколошки истражувања), професорот Жустен посочува на примерот на плоснат црв од Нов Зеланд во Велика Британија. Овие големи црви сега ги има во повлажните предели на Британија и ги десеткуваат локалните црви. Како резултат на тоа, сега има и мерки за да се контролира нивното движење меѓу земјите. Според професорот Жустен, повеќето азиски видови што сега се шетаат низ Европа најверојатно потекнуваат од некои црви што биле пренесени заедно со тропските растенија.

Што се однесува до црвите со глава во вид на лопата, кои со децении живееле во Франција без да бидат забележани, професорот Жустен е збунет.

- Сѐ уште сум вџашен, не разбирам како е можно ова во една развиена земја - вели тој.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот