Чадот од цигарите се проучува со години, откривајќи мноштво загадувачи, вклучително и токсични метали. Но, кои точно од тие метали може да се детектираат при пасивното пушење?
Решавањето на овој проблем е предизвик за истражувачката заедница бидејќи многу од металите што се наоѓаат во чадот од тутун, исто така, може да потекнуваат од индустриски или природни загадувачи, кои го загадуваат внатрешниот и надворешниот воздух.
Студијата на научниците од Националната лабораторија „Лоренс Беркли“ (Беркли лаб) идентификувала 28 метали во траги во чад од тутун. Наодите укажуваат на нови докази зад долгорочните здравствени ефекти од пасивното пушење и од чадот кој се ослободува од цигарите.
Пасивното пушење го подразбира вдишувањето на чадот што се ослободува од запалената цигара. Третостепен чад е штетниот остаток од тутунот што се таложи на внатрешните површини, долго откако ќе се изгасне цигарата.
- Важно е да се квантифицираат металите во траги од пасивното пушење и третостепените остатоци од чадот, бидејќи некои метали се присутни и во други извори на загадување, во затворени простории и на отворено - истакна Хуго Дестаилатс, главен истражувач на студијата и научник од „Беркли лаб“.
- Една деценија нашата група ги проучуваше токсичните органски загадувачи што се испуштаат за време на пушењето. За време на експериментите во еколошката комора со големина на една соба, во „Беркли лаб“, тим од научници собра примероци од честички од аеросол во период од 43 часа, по тлеењето на шест испушени цигари. За да го карактеризираат пасивниот чад, тие користеа филтри обложени со тефлон за да ги детектираат свежо испуштените примероци од аеросоли, веднаш по тлеењето. Потоа, зедоа дополнителни примероци во подолги временски периоди, за да го карактеризираат пушењето од трета рака - изјавил Дестаилатс.
За да имаат подобро разбирање за тоа како металите можат да придонесат за хемискиот состав на пасивното и третостепеното пушење, истражувачите потоа ги користеле експерименталните резултати од студијата на еколошката комора, за да ја предвидат концентрацијата на метални загадувачи во домот на пушачот и во нестанбени сценарија, како што се баровите за пушење.
Во речиси сите моделирани сценарија тие откриле дека предвидената концентрација на кадмиум, арсен и хром во воздухот во затворените простории ги надминува насоките за ризик од рак во Калифорнија. Тие, исто така, откриле дека некои од овие метали ги надминале референтните нивоа на државата, кои не се канцерогени за хронична изложеност.
Истражувачите велат дека оваа студија е прв чекор во разбирањето на тоа како чадот од тутун може да придонесе за нашата севкупна изложеност на метали во траги во внатрешната средина и дека е потребна повеќе работа за да се унапреди санирањето на загадувањето од пасивното и третостепеното пушење.
- Овие метали се наоѓаат во воздухот во затворените простории, како и на површините и во честичките прашина, а луѓето можат да бидат изложени на нив преку дермално навлегување и голтање. Ја фокусиравме нашата анализа на вдишување метални загадувачи во воздухот, така што нашите резултати претставуваат само дел од вкупниот товар на изложеност. Со оглед на упорноста на металите во траги во околината, важно е подобро да се разбере ефикасноста на вентилацијата, чистењето и користењето правосмукалка - како механизми за отстранување на овие загадувачи -заклучил Ксијачен Танг, истражувач од „Беркли лаб“ и прв автор на студијата.
Извор: phys.org
Фото: Freepik