Сите знаеме дека пушењето е исклучително штетно за здравјето. Тоа е навика која одзема милиони животи.
Покрај здравствените и финансиските аспекти на пушењето, сè повеќе луѓе зборуваат и за страшното влијание врз животната средина. Всушност, цигарите се најмногубројниот вид отпад во светот. Секоја година дури 4,5 трилиони цигари се фрлаат во природата. Нивната тежина е над милион тони, а сочинуваат околу 20 отсто од отпадот што се собира со чистење на океаните.
Во борбата против овој вид отпад се истакнува еден европски град кој најави зголемено рециклирање на догорчињата.
Братислава најави дека ќе почне да собира догорчиња во специјални контејнери, а потоа ќе се рециклираат и ќе се користат за нешто многу револуционерно.
Компанијата за управување со комунален отпат ОЛО од Братислава најави дека првично ќе собира цигари во специјални контејнери кои ќе бидат поставени за време на јавни настани што ќе се одржуваат во градот. Ова не звучи многу револуционерно, барем не додека не откриете за што ќе се користат догорчињата.
Заедно со градскиот совет на Братислава и компаниите СПАК-ЕКО и „Екобат“, ОЛО ќе помогне во трансформирањето на догорчињата во асфалт за патиштата.
- Доколку посетителите на фестивалите или друг урбан настан ги фрлат догорчињата во посебниот контејнер, тие ќе придонесат не само за почиста животна средина, туку и за рециклирање во градежен материјал за патиштата - вели Мартин Чехова, менаџер во ОЛО.
Филтрите на цигарите можат да се трансформираат во специјални влакна кои потоа се користат за додаток за подготовка на асфалт за патиштата. Всушност, веќе постои ваков пат во Словачка направен од овој материјал.
Извор:
Themayor.eu
Фото: Freepik