Постојат денови кога имате впечаток дека сè ви бега од рацете. Не сте направиле некоја голема грешка, но ништо не оди како што треба. Фокусот ви паѓа, ги одложувате одлуките, а во главата ви се врти истата мисла - дека не работите доволно добро.
Во тие моменти повеќето луѓе прават пауза, гледаат серија, скролаат по социјални мрежи... Но, постојат ситни, корисни потези кои ќе ви го вратат чувството дека знаете што правите. Не е поентата да бидете продуктивни, туку повторно да се почувствувате стабилни.
Кога ќе направите нешто конкретно, главата се смирува
Кога ќе направите нешто што има смисла, дури и ако е мало, телото и умот реагираат како да сте ја „вратиле контролата“. Не е важно дали е тоа голема работа. Важно е да е реална, корисна и да останува.
Тоа може да биде нешто банално, на пример, конечно да научите како функционира уредот што постојано го користите. Далечинскиот управувач, рерната, автомобилот - нешто што досега сте го решавале по случаен избор. Во оној момент кога ќе сфатите како уредот работи, нешто „кликнува“. Веќе не е хаотично.
Мали работи што ве прават посигурни
Постои уште една работа која повеќето ја игнорираат. Мали работи кои ве прават објективно посигурни. Не ги решаваат сите проблеми во животот, но решаваат конкретни работи.
На пример, местење на ретровизорите во автомобилот. Повеќето луѓе тоа го прават „од око“, а всушност постои начин кој ги намалува мртвите агли. Или потсетување како се користи противпожарниот апарат кој со години стои нечепнат. Тоа се работи што не ги правите често, но кога ги знаете, го менуваат начинот на кој се чувствувате.
Рутини за кои знаете дека не функционираат, но ги игнорирате
Сите имаме нешто што знаеме дека не функционира, но одложуваме да го средиме. Лек кој го заборавате кога ќе се приближи крајот. Обврска која постојано ја поместувате додека не стане итна. Систем кој очигледно не работи, но не го менувате.
Проблемот не е во тоа што не знаете како. Знаете. Само не сте застанале тоа да го примените.
Во оној момент кога ќе ја приспособите рутината на себе, работите почнуваат да се движат. Не затоа што сте станале подисциплинирани, туку затоа што сте престанале да работите против себе.
Работи што „знаете дека би требало“, но никогаш не ги правите
Постои цела листа со работи што сите знаеме дека би требало да ги правиме. Одржување на автомобилот, ситни поправки, основни проверки. Не се комплицирани, но постојано ги одложуваме бидејќи не се итни.
Кога една од тие работи конечно ќе ја завршите, го намалувате стрсот.
Она што го заборавате, а подоцна ве чини
Гаранции, рокови, замени, сите оние ситници што ги игнорирате додека не станат проблем. Дури кога нешто ќе престане да работи, ви текнува дека сте можеле да реагирате порано.
Потребни се десет минути да проверите што поседувате, кога истекува, што треба да се замени. Не е возбудливо, но прави разлика меѓу хаосот и контролата.
Не е работата во продуктивноста, туку во стабилноста
Луѓето често мислат дека подобро ќе се чувствуваат ако се одморат. И тоа е точно кога ви е потребен одмор. Но, кога ви е проблем тоа што се чувствувате изгубено, тогаш одморот не ја решава работата.
Тогаш помага акцијата. Не голема, не драматична, туку мала и конкретна. Бидејќи кога ќе направите нешто што има смисла, макар и ситно, престанувате да стоите в место. И тоа е сè што ви треба за да се вратите на себе.
Фото: freepik