Снимки од мало девојче кое користи импровизирани протези за нозе направени од лимени конзерви во камп за раселени во Сирија го трогнаа светот.
Осумгодишната Маја Али Мерхи и нејзиниот татко се родени без долните екстремитети. Не можејќи да купи вистински протези, таткото на Маја направил пар од лимени конзерви исполнети со памук и парчиња ткаенина за својата ќерка во кампот за раселени бегалци во сириската провинција Идлиб.
-Поставив некоја пластика на две конзерви од сардини со кои може да оди на училиште. Срцето ми се кине кога ќе ја видам како ползи пред пријателите додека тие играат и трчаат - вели таткото
Мохамед, кој исто така има потреба од протези, знае дека е тешко да се оди со такви, но знае и дека тие се подобри од ништо.
Семејството избегало од Алепо поради борбите и бегајќи од бомбашки напади тие биле сместени во кампот во Идлиб, последната поголема територија во рацете на бунтовниците. Идлиб го држи Хејат Тахрир ал-Шам, џихадистичка група која Русија и сириската влада ја сметаат за мета во областа каде продолжуваат да се сместуваат цивили и борци како дел од договори за евакуација во другите делови на земјата.
Мохамед вели дека барем може да најде утеха во фактот дека неговото семејство може да живее мирен живот во кампот, но има сон дека тој и неговата ќерка ќе можат некогаш нормално да одат.
На 13,1 милиони луѓе низ Сирија им е потребна хуманитарна помош. Меѓу тие луѓе има повеќе од пет милиони деца. Три милиони луѓе живеат во области кои се под опсада и кампови за раселени без пристап до хуманитарна помош, а вкупниот број на раселени Сиријци се зголеми на 11,5
милиони.