X
 10.08.2023 Живот

Приказната за Такаши Нагаи, човекот кој го тешел Нагасаки по падот на атомската бомба

„Мир е период во кој синовите ги погребуваат своите татковци, додека војната е период во кој татковците ги погребуваат своите синови“, напишал одамна таткото на историјата, Херодот.

Оттогаш до денес, историските книги верно известуваат за војната и нејзините загуби, но најмалку се пишува и знае за страдањата и жртвите на малиот човек кој најмногу настрадал во неволјите на војната.

И покрај тоа, одвреме-навреме, од секоја позната војна за нас, излегува приказна за еден „обичен“ човек, цивил, локален херој, кој се жртвувал за да спаси свои сограѓани.

Се грижел за другите, иако и сам бил ранет и болен

Радиологот Такаши Нагаи од Нагасаки, бил еден од тие херои. Денес го нарекуваат „човекот кој го тешел Нагасаки“. Нагаи бил на работа кога атомската бомба Б-29 била фрлена врз Нагасаки, на 9 август 1945 година, срамнувајќи го градот со земјата и убивајќи приближно 40.000 луѓе.

Самиот Такаши бил ранет за време на бомбардирањето, но сепак се приклучил на преостанатиот преживеан медицински персонал за да помогне во лекувањето на тешко повредените жители на Нагасаки. Само два дена по падот на атомската бомба тој успеал да стигне до својата куќа, каде што ја пронашол својата мртва сопруга. За среќа, неговата мајка и деца преживеале.

И покрај психичката и физичката болка, Такаши одлучил да се врати во Ураками, епицентарот на бомбардирањето, и да продолжи да ја работи својата работа. Со текот на времето, неговото здравје се влошувало, но тој не се откажал од својата работа.

Утеха за безнадежните жители на Нагасаки

Во областа Ураками изградил мала колиба во која се молел и пишувал по грижата за пациентите. Како што еднаш изјавил, тие моменти му ја дале единствената надеж и сила во деновите, неделите и месеците на безнадежност. Во своите дневници, Нагаи ја нагласил потребата за мир по долгогодишното воено уништување низ светот.

На првата годишнина од бомбардирањето тој ја напишал книгата „Ѕвоната од Нагасаки“. Иако на почеток се борел да најде издавач, по објавувањето книгата станала бестселер во Јапонија. Народот на Јапонија нашол утеха во неговите зборови не само тогаш, туку и во годините по падот на фаталната бомба.

Многу жители на Нагасаки оделе во храмот на Нагаи за совет, молитва или утеха за да се справат со тагата и страдањето поради загубата на најблиските, како и болестите што атомската бомба ги оставила зад себе. Сето ова време Нагаи бил на крајот од својата сила, но тој продолжил да се грижи за тешко ранетите сограѓани и сограѓаните кои биле на смртна постела.

nagasaki
Фото: Wikipedia

„Атомската бомба во војна единствено може да значи самоубиство за човечката раса“

Во своите дела тој често предупредувал за опасностите од атомската војна, но и за штетноста на војната воопшто. Се обидувал да дознае што е можно повеќе за болеста од атомската бомба. Посакал Нагасаки да биде последната атомска пустина во историјата на светот и велел дека со оваа атомска бомба војната единствено може да значи само самоубиство за човечкиот род.

Една од неговите желби била да го претвори уништениот град во рид на цвеќиња. Поради ова, во 1948 година локалниот јапонски весник „Кјушу Тајмс“ платил за засадување на илјада дрвја сакура во областа Ураками, а самиот Нагаи бил вклучен во садењето. И денес на тоа место има 20-ина цреши на Такаши.

Во доцните 40-ти здравјето на Нагаи дополнително се влошило, па му била дијагностицирана леукемија. Болеста настанала како резултат на изложеноста на радијација по падот на атомската бомба. До последните мигови ги примал своите сограѓани на разговори за да ги теши и заедно да се помолат.

Последните две години од својот живот ги поминал во кревет, во мало одморалиште наречено Њокодо, изградено за него од жителите на Нагасаки. И таму ги слушал нивните маки и ги тешел, ги советувал и се молел за нив. Иако лежел в кревет, тој продолжил со своето истражување и пишување за болестите предизвикани од атомската бомба, за која во тоа време се знаело многу малку. Починал во 1951 година, на 43-годишна возраст.

Колкав бил обемот на атомската бомба го откриваат и податоците од обдукцијата на Такаши Нагаи, на која тој бил подложен бидејќи тоа го побарал во тестаментот. Аутопсијата покажала дека слезината му била отечена и тежела 3.410 грама, додека нејзината тежина кај здрава личност е само 94 грама. Неговиот црн дроб исто така бил тешко оштетен - наместо стандардниот 1.400, во моментот на неговата смрт тежел 5.035 грама.

Градот сè уште го памети и му оддава почит

За влијанието на Такаши Нагаи во Нагасаки за време на војната говори и фактот дека 20.000 луѓе присуствувале на постхумната церемонија во негово сеќавање на меѓународните гробишта Сакамото. За неговиот лик и дело била напишана и биографија наречена „Човекот кој го тешел Нагасаки“, од познатиот австралиски писател Пол Глин. Одморалиштето Њокодо во Нагаи, во 1952 година станало музеј под името Меморијален музеј Нагаи Такаши на градот Нагасаки, а денес со него управува неговиот внук Токусабуро Нагаи.

Изгор: Index.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот