X
 24.06.2023 Економија

Зошто илјадници електрични автомобили се напуштени во Кина?

Кина стана глобална моќ кога станува збор за производство и продажба на електрични автомобили, но се чини дека овој успех има и темна страна. Видео објавено на „Јутјуб“ покажува огромни полиња во Кина со илјадници напуштени електрични возила.

На полињата има возила од повеќе кинески произведувачи на електрични автомобили, а тие се наоѓаат во провинцијата Жеџијанг, во источниот дел на Кина. Сцените се малку морничави, особено затоа што белата боја е покриена со слоеви прашина, додека гумите се делумно покриени со трева. Внатрешноста е практично во совршена состојба, бидејќи седиштата имаат најлонска заштита, додека екраните сè уште светат.

Сите автомобили се со регистарски таблички, а Винстон Стерзел, кој го сподели видеото, тврди дека кинеските производители на електрични автомобили ги регистрираат возилата и тврдат дека ги продале за да покажат подобри бројки во финансиските извештаи и да добијат субвенции од владата.


„Атлантик“ пишуваше за слични инциденти во 2018 година во Шангај, но овој пат се работеше за велосипеди. Откако споделувањето велосипеди достигна врв во Кина во 2017 година, понудата далеку ја надмина побарувачката, што резултираше со купишта вишок велосипеди.

Напуштените автомобили можеби доживеале слична судбина, бидејќи постои можност тие всушност да припаѓаат на неуспешната услуга за споделување автомобили наречена „Микросити“, која поседувала илјадници електрични автомобили. Голем број бизниси базирани на изнајмување автомобили пропаднале во Кина, така што ова може да го објасни постоењето на такви „автомобилски гробишта“.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Youtube (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија