X
 24.07.2019 Образование

Закон за оправдано отсуство од училиште поради справување со проблеми со менталното здравје

Самоубиствата меѓу младите моментално се на највисоко ниво во САД, што е индикација дека нацијата не прави доволно за да ги идентификува и да им посвети внимание на менталните болести кај младите лица.

Ситуацијата е прилично сериозна во Орегон, каде стапките на самоубиства меѓу младите се повисоки од националниот просек и каде 16 отсто од осмоодделенците рекле дека биле сериозно размислувале за самоубиство во текот на минатата година.

За да помогнат, група активисти-тинејџери успешно лобирале кај властите во Орегон за одобрување на закон со кој би се прошириле причините поради кои учениците може да не одат на училиште и да се вклучат и „денови за ментално здравје“ - потег кој би можел да помогне во борбата на учениците и да послужи за дестигматизација на менталните болести.

Пред одобрувањето на новиот закон Орегон им овозможуваше оправдано отсуство на учениците само поради телесна болест - на пример, ако се настинати или ако имаат скршена коска.

Ако некој ученик не одеше на настава поради некоја друга причина, тоа се сметаше за неоправдано отсуство поради кое ученикот можеше да се соочи со казни. Тоа не им оставаше друг избор на учениците освен да лажат за причината за нивното отсуство доколку почувствувале потреба да останат дома и да се справат со проблем со менталното здравје, како што се депресијата или анксиозноста.

Според новиот закон, на учениците во Орегон ќе им бидат дозволени пет дена отсуство на секои три месеци поради проблеми со менталното здравје. Ова ја прави Орегон втората американска сојузна држава после Јута која им нуди таква опција на учениците.

Хајли Хардкасл, тинејџерка која се залагаше за новиот закон, истакна дека некои родители не ја согледувале целта на законот. Некои велеле дека законот немал поента затоа што учениците веќе си земале денови за ментално здравје, но само велеле дека остануваат дома поради друга причина. Други родители, пак, мислеле дека законот ќе им даде нов изговор за да останат дома на учениците кои не сакаат да одат на настава.

Сепак, според Хардкасл, официјалното оправдување на отсуството поради ментално здравје може да го изнесе на виделина страдањето на учениците и така полесно може да се посвети внимание на тој проблем.

-Зошто треба да охрабруваме лажење на нашите родители и наставници? Отвореноста кон возрасните за нашето ментално здравје промовира позитивен дијалог, кој може да им помогне на децата да ја добијат помошта која им е потребна - истакна Хардкасл.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование