X
 24.07.2026 Живот

Европа - првиот електроконтинент во светот

Пред неколку дена претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изјави: „Најдобриот начин да се намали зависноста на Европа од фосилни горива е да ја снабдуваме нашата економија со електрична енергија од чисти домашни извори. Денес предлагаме Европа да стане првиот електроконтинент во светот. Ова е, исто така, план за инвестиции и независност од променливите глобални состојби... да се одржи чиста транзиција на вистинскиот пат, да се донесе олеснување за нашата индустрија и да се поддржи декарбонизацијата“. Некако ми доаѓа на ум зборот Електра како прекар на претседателката на ЕК иако Електра е лик од старогрчката митологија и нема врска со темата во овој напис.

Во врска со овој предлог, европскиот комесар за енергетика Дан Јергенсен порача дека европската економија мора веднаш да се трансформира и да се потпре на чисти домашни извори со цел да се намалат трошоците и за индустријата и за домаќинствата. Тој вели дека ерата на фосилните горива завршува. А фосилни горива се јаглен, нафта и гас.

За да стане Европа првиот електроконтинент во светот, Европската комисија предлага акционен план кој е подолу опишан во кратки црти.
Од порано ЕУ има поставено цел за електрификација од 23 % до 2030 година, а сега предлага цел за електрификација од 46 % до 2040 година. Тоа ќе се постигне со намалување на увозот на гас за повеќе од 70 % и увозот на сурова нафта за 40 %.
Цената на електричната енергија треба да се направи 2,5 пати пониска од цената на гасот за домаќинствата и 2 пати пониска за индустријата (цените изразени за KWh).
Во 2025 година биле инсталирани 2,4 милиони топлински пумпи за греење, а сега се предлага зголемување на 4 милиони во 2030 година.
За индустријата се предлага поддршка на инвестициите во електрификација преку ревидирана рамка на трговијата со јаглеродни емисии (ЕТЅ), зајакнување на фондот за иновации за воведување електрифицирани и обновливи решенија за топлинска енергија, како и намалување на надоместоците и даноците.
Мерки кај транспортот: стимулирање да се купуваат возила со нулта емисија; поддршка на забрзано воведување инфраструктура за полнење на електричните возила.
Во секторот згради треба да се стимулира продажбата на топлински пумпи за греење (кои можат да служат и за ладење). Во плановите за зголемување на енергетската ефикасност да се предвиди и да се забрза инсталирањето на топлински пумпи.
Јас имам забелешка на овој акционен план бидејќи во него не се предложени зафати за зголемување на електроенергетската мрежа која и сега има проблеми поради големите инвестиции во производството на електрична енергија од сонце и ветер.

Независно од изјавата на Урсула фон дер Лајен за ЕУ како прв електроконтинент, новиот премиер на Англија уште во првиот ден соопшти дека неговата влада планира да го отстрани данокот на додадена вредност (ДДВ) од домашните сметки за електрична енергија од први октомври. Со ова се постигнува извесно ублажување на кризата со трошоците за живот на населението, но тоа ќе биде и поттик за премин од користење фосилни горива кон електрична енергија.

Иако веќе не ја ценам ЕУ поради односот кон Република Македонија (РМ) во минатите 35 години, сепак, предлогот за ЕУ да биде електроконтинент го поздравувам, пред сѐ, поради борбата против климатските промени. Европските прописи се доста напредни и РМ треба да ги прифаќа (со мали исклучоци), но поради понижувањата кон нас, предлагам РМ да ја смени надворешната политика (сега е усогласена со ЕУ) и да воспостави поблиска соработка со сите демократски држави во светот (на пр., Кина, Индија, ...) кои имаат почит кон нас, особено на економски план.

Сега да се префрлам на енергетиката на наш терен, т.е. во РМ. Веќе неколку месеци главна вест е изградбата на гасоводна мрежа низ земјата, а секоја недела се објавуваат информации за гасниот интерконектор со Грција кој е во изградба и треба да биде готов следната година. Исто така, многу се зборува за намерата да се изгради гасен интерконектор до границата со Србија и така РМ ќе станела крстосница за транспорт на природен гас. А Бугарија и Грција веќе имаат крстосници на гасни мрежи за снабдување од Русија и Средна Азија и понатаму има гасоводи до Србија, Романија..., кон Албанија, Италија...

Владата на РМ најави изградба на гасни когенеративни централи, но и изградба на гасни дистрибутивни мрежи за користење на гасот во домаќинствата низ Македонија. Тоа значи дека плановите за користење природен гас во РМ воопшто не кореспондираат со плановите на ЕУ опишани погоре. Не навлегувам понатаму во детални споредби и разлики кои во иднина може да бидат проблеми во односите (преговорите) со ЕУ.

Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот